Македонија
14. јуни 2025 - 16:35

Шведска поддршка за блатото

Македонски и шведски експерти заеднички ќе работат на валоризација на Моноспитовското Блато, последното природно мочуриште од ваков тип во Македонија. Целта е научно да се утврдат неговите природни вредности и да се воспостават долгорочни мерки за заштита и одржливо управување.

Проектот ќе трае 24 месеци и се реализира со поддршка на Шведската агенција за заштита на животната средина, а во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Босилово, Ново Село и Струмица. Активностите ќе опфатат детално истражување на флората, фауната и хидролошките карактеристики на блатото.

Валоризацијата има за цел да ја потврди еколошката важност на блатото како редок природен екосистем, но и да обезбеди научна основа за изработка на Закон за заштита на Моноспитовското Блато.

Моноспитовското Блато се наоѓа во подножјето на планината Беласица и се простира на површина од околу 400 хектари. Овој уникатен простор изобилува со голем број природни реткости, меѓу кои и папратот ,, осмунда регалис ,, единствен од таков вид на Балканот – како и над 140 различни видови птици.