Синдикатот и даде рок на Арсовска: Скопјани секако нема да останат без вода
Последен апел од Синдикатот до градоначалничката на Скопје да се сретнат и да ги соочат аргументите пред да стапат во штрајк.
Од ССМ и дадоа рок на Данела Арсовска до утре до полноќ да остварат средба на која сакаат како што велат да укажат дека директорот на скопски Водовод ги крши работничките права и ги малтретирал вработените.
-Неопходно е да ги соочиме аргументите и ќе постапуваме согласно законот. Ако она не убеди дека ова што го прави овој в.д директор Марјан Митовски е законски ние јавно ќе се извиниме, ако ние сме во право тогаш ќе бараме веднаш да го разреши, изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Доколку претставници на Синдикатот утре не се сретнат со градоначалничката Арсовска ќе го закажат денот кога ќе почне штрајот во Водовод. Во меѓувреме од Министерството за труд и социјала ќе побараат помирувач, и ако не најдат заеднички јазик за 10 работни дена, тогаш вработените во Водовод ќе престанат да ги извршуваат работните задачи. Претседателот на ССМ тврди дека и да штрајкуваат вода во Скопје ќе има, но нема кој да ја поправи ако евентуално пукне некоја цевка.
-Доколку штрајкуваат вработените на Водовод нема да има исклучување на вентили, туку доколку дојде до пукање на цевка ќе нема кој да ја поправи, ќе нема кој да се грижи за пумпите за вода, ќе нема кој да ги управува машините и алатите, едноставно ќе нема кој да ја одржува водоводната мрежа, освен доколку тоа не го прават лично Арсовска и Митовски, вели Димовски.
Арсовска вчера обвини дека најавите на Сојузот на синдикати на Македонија за штрајк и прекинување на водоснабдувањето во Скопје не е борба за работничките права, туку политчко пресметување со неа. На ова реагираа од ССМ и укажаа дека државни институции утврдиле незаконско работење на директорот на Водовод кој одлучил да отпушта вработени или да ги прераспределува на несоодветни работни места.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
