Сител сторија: Дивите депонии во Преспа го загрозуваат здравјето на жителите – како до решение?
Дивите депонии во Преспа и лошите навики на овоштарите – како до решение?
Триесеттина диви депонии тлеат во и околу Ресен и го загрозуваат здравјето на жителите. Барем толку изброиле властите. Сегашните практики на жителите во овој дел од Македонија не ги исполнуваат европските стандарди за животна средина. Но, истовремено, општината и јавното претпријатие немаат доволно капацитети, ниту механизација за да го соберат целиот отпад.
Комуналниот отпад во Општина Ресен изнесува околу 3.800 тони годишно. ЈКП „Пролетер“ целосно ја покрива популацијата во Ресен, но само 61% од жителите во околните села, поради што локалното население си создало навика, отпадот да го фрла на неконтролирани депонии.
Невладиниот сектор алармира дека се повеќе од 30-тина диви депонии. Спасот го гледаат во поригорозни казни, но и поставување на камери на критичните точки за полесно да се „ловат“ оние кои ја загадуваат животната средина.
Дополнителен проблем е и малиот број на инспектори. Само три лица се специјализирани за да вршат инспекциски надзор во Преспанскиот регион.
Освен несоодветното управување со комуналниот отпад, уште поголем проблем претставува и земјоделскиот отпад. Земјиштето во регионот се смета за главен ресурс за производство на јаболка, со 98% од домаќинствата кои поседуваат овоштарници, што претставува генерациски главен извор на приход.
Годишно има 8.000–15.000 тони јаболков био-отпад. Ова дополнително ја оптоварува животната средина. Откако земјоделците ќе ги исечат јабоблковите дрвја, често ги фрлаат во реките и покрај патиштата, што резултира со непријатна миризба. Од особена важност е овој отпад да се компостира, но ретко кој го прави тоа.
Земјоделецот Љупчо е еден од ретките кој се бави токму со компостирање на отпад. Сител го посети. Неговото земјиште се наоѓа на 10-тина минути пред Ресен.
Тој вели дека нема соодветна обука на земјоделците за компостирање и контролирана примена на компостот како ѓубриво.Честа е појавата земјоделците, чии овоштарници се блиску до реки, да ја мијат опремата за прскање директно во водата, што предизвикува загадување.
Локалниот еколошки акциски план на општина Ресен (2017-2022) покажува дека најголемиот дел од жителите сметаат дека еколошките проблеми најмногу влијаат на нивното здравје – 42 %, потоа на растителниот и животинскиот свет (29%), потоа здравјето на идните генерации и природната убавина. Но, сепак фактите и истражувањата покажуваат дека мора да се зголеми свеста и едукацијата за населението, за да овој регион подобро управува со отпадот. Преспа - Разбуди се.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар