СОНК и СКРМ: Покачувањето од 10% на платите кај вработените во културата ќе биде временско
„Кај вработените во културата најавеното покачување од 10% на платите во јавниот сектор ќе биде времено, само од септември до февруари следната година, а од март ќе се работи по други принципи“, порачаа денеска на прес-конференција од Синдикатот за култура и СОНК. Тие се пожалија дека од Министерството за култура се обиделе да го суспендираат грантскиот колективен договор.
„Културата е дел од јавниот сектор и одредбите од ОКД важат подеднакво како и за сите останати дејности од јавниот сектор. Временото ограничување на правото од 10% покачување до февруари 2024 година ќе ја издвои културата од другите дејности, како посебна дејност на која овие 10% според министрството за финансии и се многу на и онака нивните “енормни плати”, изјави Вера Атанасовска од СКРМ.
Од Министерството за култура пак уверуваат дека немало никаква причина за недоверба во однос на потпишувањето на поединечните решенија кај вработените.
„Временското ограничување до февруари 2024 година е поради фактот што во март 2024 година ќе има ново усогласување на постојната минимална плата и ќе се применува колективниот договор што е поповолен за вработените во јавниот сектор, при што по овој период вработените лица ќе добијат нови решенија за исплата на плата. Нема никаква заднина во спроведувањето на Заклучокот на Владата за покачување на основната плата во јавниот сектор за 10 проценти што важи за целата држава. Имено, начинот на утврдување на основната бруто-плата е дефиниран во Колективниот договор за култура, а со поединечните решенија за плата само се констатира износот, се разбира зголемен за 10 % во согласност со член 14 од Општиот колективен договор“, изјавија од Министерството за култура за Сител ТВ.
Инаку, во средината на јули годинава за првпат од осамостојувањето беше утврдено системско решение за платите во јавниот сектор.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
