Соработка на прилепскиот институт за старословенска култура со полскиот универзитет ,,Адам Мицкиевиќ‘‘
Се продлабочува соработката помеѓу Институтот за старословенска култура од Прилеп и полскиот Универзитет „Адам Мицкиевиќ“ од Познањ, особено со нивниот Институт за славистичка филологија. Целта е промоција на македонската култура и историја, како и вистината за нашата држава наспроти бугарските тези кои досега преовладувале таму.
„Во последниве години ги интензивираме тие врски и се надеваме дека повторно ќе почнеме да соработуваме на еден широк научен простор, во повеќе научни дисциплини и полиња“, рече Александар Василески, директор на Институтот за старо словенска култура.
„Благодарение на нивното доаѓање овде, на нашите контакти веќе тој мит за Бугарија полека тие го согледуваат и сега цитираат и македонска литература, односно прават разлика помеѓу македонската културна историја и бугарската културна историја“, додаде Ели Луческа, научен советник во Институт за старо словенска култура.
Досега од Полска во Прилеп имаат дојдено 20 студенти, а дел од нив сега и ќе магистрираaт на теми од нашата историја.
„Поврзана со Прилеп и прилепско, со посебен акцент на Маркови Кули и манастирот Трескавец“, истакна Моника Аждрак, студентка од Универзитетот „Адам Мицкиевиќ“ од Познањ.
Признаваат дека во Полска многу малку се знае за Македонија.
„Да би прашала сега некој Полјак, мислак дека се што знае за Македонија е дека постои и дека има Охрид во Македонија, да бидам искрена“, изјави Хана Желењевска, студентка од Универзитетот „Адам Мицкиевиќ“ од Познањ.
На истиот став се и нашите студенти кои учат во Полска. Велат дека потребно е таму да се однеси наша литература, која за жал ја нема, а доминира бугарската.
„Да се донесе што повеќе литература затоа што професорите доста се ослонуваат на бугарската литература. Од таа причина на дел од часовите ние изучувавме пример дека браќата Миладиновци се Бугари, дека Цар Самоил е Бугарин“, потенцираше Јана Луческа, студентка на Универзитетот „Адам Мицкиевиќ“ од Познањ.
Но ова е вака затоа што кај нас за науката државата скоро и да не одделувала средства.
„Значи нема конкурси за научни истражувања, нема конкурси за студиски престои, нема конкурси за научни конференции, нема конкурси за визитинг професори, “, кажа Ели Луческа, научен советник во Институт за старо словенска култура.
Овие продлабочени соработки на Институтите од Полска и Македонија се планира во иднина да се интензивираат.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар