Македонија
6. јуни 2021 - 16:36

Спречена поголема група мигранти

Полицијата спречи нов обид за илегален влез на мигранти на југот од државата. За 24 часа во неколку одделни акции откриени се 130 лица кои од соседна Грција нелегално влегле на македонска територија со намера од тука да продолжат понатаму кон земјите на ЕУ. Мигрантите се откриени на планината Беласица на потегот помеѓу Богородица и Дојран. Претежно се работи за државјани од Авганистан, Пакистан и Бангладеш кои во последниот период се и најбројни.

Зголемениот број на обиди за нелегален премин на границата е очекуван во овој период и доаѓа како резултат на топлото време.

Дека има зголемување на ваквите обиди пред неколку дена потврди и министерот за внатрешни, но исто така потенцираше дека полицијата е максимално подготвена да одговори на секој предизвик. За таа цел од септември минатата година МВР има и посебна оперативна акција која се занимава исклучиво со спречувањето на илегалната миграција и која дава сериозни резултати во тој дел.

Освен на спречувањето на нелегалните премини полицијата интензивно работи и откривањето на групите кои се занимаваат со криумчарење. Таква организирана криминална група која се занимава со криумчарење мигранти. Беше сузбиена пред неколку дена. Групата за илегален премин ги користела дивите премини на зелената граница, а за трансферот на мигрантите наплаќале од 500 до 700 евра по лице.