Бизнис
4. February 2026 - 16:33

ССМ поднесе иницијатива за намалување на функционерските плати за 80%

На ден пред средбата УПОЗ – Влада се уште е нејасно дали двете страни ќе си подадат рака. Синдикатот не се откажува од барањето за додаци на плата во висина од 30%, Владата бара работниците да прифатат 8% додатоци и пресметка на платите според минималната, наместо според просечната плата.

Првиот човек на Синдикатот на УПОЗ вели, став имаат, но треба да го финализираат.

-Уште имаме разговори преговори, веќе имаме став, меѓутоа треба да се доизнесат уште неколку синдикални организации за ставот за којшто треба да го предочи Синдикатот на УПОЗ на средба со премиерот. Мислам дека е многу јасно. Ова е наше барање, барање на Синдикатот на УПОЗ од 2025 година, исто ова време кога и протестиравме. Чекаме само да видиме дали премиерот ќе го прифати нашето барање, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски.

Владата има формула која ја предлага уште од првиот ден, вели премиерот Мицкоски посочувајќи дека Владата инсистира тоа да биде конечна одлука по која ќе се исплаќаат платите во администрацијата. Вели дека ако сега двете страни си подадат рака, тогаш ќе имаат време од три години Владата и Синдикатот да се договорат за нов општ колективен договор. 

-Дел од раководството на ССМ се повикува на општиот колективен договор којшто ова раководство го има потпишано со претходната влада. Иако тој е истечен, во преодните и завршни одредби стои дека тој е во функција се до моментот не биде потпишан нов колективен договор. Доколку ја примениме оваа формула, тогаш при исплатата на плати ќе се созададе какафонија бидејќи неколку документи коишто ја дефинираат платата и коишто можат да се дефинираат вака или така. Ние сакаме да униформиран образец по кој ќе се исплаќа платата за вработените во администрацијата, рече Мицкоски. 

Во исчекување на исходот од утрешната средба ССМ поднесе иницијатива за драстично намалување на функционерските плати за 80%. Според предлогот, доколку пратениците го прифатат, основица за пресметување на платите на избраните и именуваните функционери ќе биде минималната плата.

-Имајќи предвид дека Владата не уценува како Синдикати да ги укинеме одредбите од општиот колективен договор кадешто просечната плата за вработените во јавниот сектор се пресметува по коефициент за сложеност. Имајќи предвид дека ставот на Владата е дека сите треба да бидат на минималец, функционерите треба да го дадат првиот придонес во таа насока. Затоа бараме веднаш иницијативата да ја усвојат. Имаат време до вторник за кога е закажана седница на Собранието да стават и европско знаменце, имајќи предвид дека законскиот текст кој се бара да се измени не е од обемен карактер и не предизвикува финансиски импликации врз буџетот затоа што ќе се зачуваат огромен дел финансиски средства коишто денеска ги трошат функционерите на сметка на работниците, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. 

По големиот протест со барање за минимална плата од 600 евра и линеарно покачување на сите плати за 100 евра, ССМ од вторник почнува со блокади. Според најавите од Синдикатот, во вторник ќе го блокираат Собранието, два дена подоцна организациите на бизнисмените, а на 17 февруари ќе ја блокираат и Владата.