Странските универзитети поинтересни за идните студенти
Младите го губат интересот за студирање на домашните универзитети. Податоците на статистика покажуваат дека за неполна деценија, бројот на бруцоши е намален за 6 илјади. Заводот во 2016 година евидентирал близу 60 илјади новозапишани студенти, а минатата академска година, високо образование запишале помалку од 54 илјади. Според Младинскиот образовен форум кој годинава одбележува 25 годишнина од формирањето, причините за намалениот интерес за студирање на домашните универзитети се застарените наставни програми, но како што велат, младите бегаат и заради висока корупција и ниските плати.
Дека домашниот образовен систем заостанува зад современите начини за проверка на знаењето е полагањето матура, сметаат младинските организации. Велат, затоа и се препишува, а појавата секоја година зема поголем замав.
Според последниот извештај на Центарот за рангирање на светските универзитети, најстариот во земјава, Св. Кирил и Методиј повторно се најде на дното на листата. Таму студираат најголем дел од младите кои одлучиле да земат факултетска диплома. Податоците од статистика пак покажуваат континуиран пад на бројот на запишани, а домашните факултети ги заменуваат со студии во странство.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар