Струмички Комуналец предлага ослободување од комунална такса за фирмите кои не работат
Компаниите кои не работеа или се уште не работат поради корона кризата да бидат ослободени од плаќање на сметките кон јавното претпријатие за комунални дејности. Ваква иницијатива покрена струмички Комуналец со цел да му помогне на еден дел од бизнис секторот во општината да ги ублажи последиците предизвикани од здравствената криза. Барањето ќе биде доставено до општинскиот совет и градоначалникот и штом ќе се прифати истото ќе биде реализирано.
„Излегуваме во пресрет со една иницијатива до градоначалникот на општина Струмица, до советот на општина Струмица да извршиме едно помагање на правните субјекти во општината кои што се наши клиенти, во делот на оние тековни сметки кои што доаѓаат за вода и за ѓубрарина. Имајќи во предвид дека тие субјекти не по нивна вина, туку поради ова што се случуваше, здравствената криза и со владина уредба беа приморани да не работат и во тој период сметаме дека е пожелно и добро да излеземе и ние во пресрет“, вели Зоран Ѓоргиев – директор на ЈПКД Комуналец Струмица.
Од Комуналец Струмица велат дека оваа криза не го одминала ниту нивното претпријатие, посебно во делот на наплатата, но сепак се одлучиле на овој чекор бидејќи како јавно претпријатие имаат општествена одговорност кон заедницата и долгогодишните клиенти кои со години уредно ги плаќаат сметките. Критериумите и листата на компании кои ќе бидат опфатени со оваа мерка ќе биде изработена заедно со здруженијата што ги застапуваат нивните интереси.
„Комуналното претпријатие заедно со нив ќе изработи таква листа на приоритети да кажеме или методи на кој начин да бидат ослободени. Од страна на правните субјекти, сакам да соопштам да не настане некоја забуна, нема потреба да доставуваат било какви барања или апликации. Ние тоа сами ќе го сработиме имајќи го увидот на терен, заедно со општина Струмица, па и со советот и тоа да биде доставено на некоја од наредните седници“, вели Ѓоргиев.
Ослободувањето ќе се однесува за периодот додека траеше вонредната состојба, односно се додека одредени правни субјеки беа затворени за работа согласно владините уредби.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
