Судење за пожарот со потресни сведоштва
Врисоци, повици за помош и густ задушлив црн чад. Сведок на обвинителството ги опиша првите минути по избувнување на пожарот во кочанската дискотека. Дејан Николов, сопственикот на автосервис кој се наоѓал веднаш до Пулс, освен што гледал како низ годините се менува намената на објектот, тој, бил и еден од гостите за време на настапот на ДНК. Таму бил и неговиот син, а во моментот на избувнување на пожарот, биле надвор од диското. Дека внатре има оган, дознале од другарите на синот. За кратко, целиот објект потонал во мрак.
„Снема струја, се слушаше силен пискот и почна да излегува интензивен црн чад. Со синот и неговите другари заминавме кон сервисот и со црево прскав кон вентилаторот од кој излегуваше чад. Од местото кај што се наоѓаа тоалетите, слушнав тропање и гласови, ги скршивме прозорците, а на металните решетки се држеа девојчиња, пискаа, бараа помош. Ги прскав со вода, ми велеа сакаме повеќе бидејќи така полесно дишеме", изјави сведокот.
Сведокот рече дека Објектот претходно работел како конфекција и магацин, а од март 2012, првообвинетиот Дејан Јованов, внатрешноста почнал да ја уредува како дискотека. Ноќта, на 16 март според сведокот, тешко било движењето во објектот, бидејќи, имало голем интерес за настапот на ДНК. По избувнување на пожарот, првично сметал дека ќе има само повредени, но по неколку часа ги здогледал и првите загинати.
„Дете бараше да го прскам со вода, беше изгорено, му висеше кожа. Останав до пет часот, тоа, беше цела вечност. Секој ден живеам со таа слика. Кога си одевме од сервисот, синот ми рече, тато, има жртви, има тело", рече сведокот.
Сведочењето во солзи го слушаа родителите на загинатите, дофрлуваа на прашањата од адвокатите и аплаудираа на судијката. Надвор од судницата изразија сомнеж за причините за смртта на своите деца.
И сопственикот на агенцијата за обезбедување, негираше вина во својот воведен говор. Немал обврска да направи план за настапот на ДНК бидејќи настанот го обезебедувале три лица, а законот за приватно обезбедување тоа го барал само ако има најамлку петмина обезбедувачи.
Судењето продолжува во понеделник, ќе сведочат родители на децата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
