Судот одлучи дека Штекли е психички способен да го следи судењето
Судот одлучи дека Раде Трајковски Штекли е способен да го следи судењето. И покрај тоа што неговата одбрана тврдеше дека Трајковски замислувал имагинарен учител, имал змии во главата и го следела албанската мафија, Кривичниот суд одлучи да и верува на психијатарката Оливера Суботин Поповска која ги убедила дека Штекли имал шизоидни карактеристики на личноста, но немал психичко растројство.
- Само во исклучителни случаи се наредува супервештачење, но во овој случај судот беше убеден од вештото лице на обвинителството во однос на способноста на обвинетиот Раде Трајковски да го следи судењето, кажа судијата Илија Трпков.
Откако судијата кажа дека и вештачењето на одбраната не дава дијагноза на трајна и душевна болест, главната расправа каде што Штекли е првообвинет како организатор на криминална група за продажба на дрога започна.
Штекли пред судијата кажа дека не го разбира обвинението. Судијата го праша дали чувствува вина, но тој повторуваше дека не разбира што му се става на товар.
Обвинителката пред судот кажа дека поседуваат голем број докази и ќе докажат дека:
- Раде Трајковски се јавува како организатор и координатор на криминална група кој бил во контакт со лица од странство и со домашни посредници кој ја договара набавката на кокаин, комуницира со неколку обвинети и осомничени и на истите им дава насока за проширување на мрежата на продавачи. При претрес во неговиот дом и возило се пронајдени бројни докази кои го потврдуваат неговото раководно дејствие.
Другите шест обвинети пак, разбраа за што ги товари обвинителството, но рекоа дека не се чувствуваат виновни.
Едногодишната истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал за групата на Штекли и продажбата на кокаин и марихуана низ Скопје имаше 17 обвинети. Поголемиот дел од нив се спогодија со Обвинителството или признаа вина.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
