Свирепо убиство на матичен лекар на паркингот кај Поликлиника Железара
Траги од крв на паркингот кај Поликлиниката Железара се уште сведочат за убиството на 67-годишниот матичен лекар Ацо Трповски. Неговото тело го пронашле неговите синови во сребрениот автомобил „киа рио“ вчера вечер околу 23 часот. Девет пати бил избоден со нож.
Смената во амбулантата му завршила околу 20 часот, но не се вратил дома. Според некои информации, вечерта присуствувал и на настан на фармацевтска компанија.
МВР не добило пријава за исчезнато лице, но неговите синови се упатиле кон неговото работно место со надеж дека ќе го најдат. Го забележале возилото на татка си каде и го пронашле безживотното тело.
Пријавата во МВР пристигнала во 23:09 часот.
-На паркингот пред Поликлиника Железара пронајден е 67-годишен скопјанец со убодни рани. Според пријавеното, него го пронашле синовите коишто тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција. Во координација со ОЈО, СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Увидот на истражните органи траел речиси цела ноќ, а возилото беше отстрането изутрината околу 9 часот со помош на „пајак“ службата.
Истражните органи сега ги анализираат трагите најдени на местото, а ги прегледуваат и снимките од безбедносните камери во околината на Поликлиниката. На влезот на објектот поставена е безбедносна камера која снима токму кон сребрената „киа“ но нејасно е дали таа ќе може да им даде целосна слика на истражителите поради дрвата и летниковецот кои затскриваат дел од паркингот.
Докторот не бил вработен во Поликлиниката, но ги користел просториите на објектот.
Матичниот доктор околу 20 години работел во објектот на Поликлиниката Железара каде под концесија држел амбуланта. За неколку месеци требало да замине во пензија, а меѓу колегите важи за врвен доктор со огромен стаж.
Мотивите и причините за убиството на лекарот Трповски се уште се непознати. Но, Поликлиниката се наоѓа веднаш до Парк Шума Гази Баба и нејзиниот паркинг често го користат посетителите. Локалното население вели дека возилата на паркингот често се мета на кражби.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
