Тивкиот повик за припадност: Како плакати и QR-кодови стануваат „јадица“ за радикализација
Додека државата подготвува нов закон за следење на онлајн радикализација, на терен се појавуваат суптилни форми на регрутација. Статистиката на МВР бележи алармантен скок на делата од омраза во 2024 и 2025година, а безбедносните служби веќе пресретнале планови за терористички акти.
-На прв момент делуваат мотивирачк, духовни и безопасни но зад нив се кријат групи кои регрутираат. Првиот чекор е токму скенирањето на QR кодот, потоа вклучување во групи на телеграм и други социјални мрежи, а зад нив се кријат луѓе кои најпрво сакаат да изградат доверба со вас а потоа да ве регрутираат.
Истражувањата, вклучително и анализите на ISSAT, потврдуваат дека радикализацијата вешто се маскира како група за „поддршка“.Податоците од МВР ја потврдуваат сериозноста. 2024г бележи рекорден број на регистрирани кривични дела поврзани со омраза и радикализам.
Кривично дело 2021 2022 2023 2024 2025 (до октомври)
Предизвикување омраза и раздор 2 2 2 9 9
Ширење радикален материјал онлајн 6 7 3 8 6
ВКУПНО ДЕЛА 10 10 11 25 16
Професорот по безбедносни науки објаснува дека асиметричните актери ја користат својата прилагодливост за да ги искористат социо-економските и системските празнини.
„Главниот предизвик е проблемот што овие технологии не се направени за безбедност, туку за комуникација и удобност. Кога се користат во нивната двојна намена, од една страна за прогрес, а од друга како вектор на закана, тие овозможуваат заобиколување на постоечките безбедносни механизми и регулативи. Системите едноставно не успеваат да го фатат чекорот со наглиот пораст на дигитализацијата“
Според професорот, статистиката е резултат на два пресудни фактори.
-Од една страна, благодарение на евроатлантските интеграции, имаме значителен напредок во подготвеноста на нашите органи за справување со овие предизвици во превентивна и пост-фестум фаза. Но, истовремено, фактот што радикалите мигрираат кон информациско-комуникациските технологии ја зголемува фреквенцијата на ваквото однесување.
Павле Трајанов, претседател на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам, открива дека заканите веќе се прелеваат во конкретни планови.
„Крајот на 2024 и почетокот на 2025 година, разоткриена е група која подготвувала терористички акти базирани на идеологијата на Исламска држава. Службите навреме ги попречија“,
Тој додава дека државата подготвува нов закон за следење на онлајн радикализацијата, вклучително и во затворени платформи како видео игри.
Професорот ХаџиЈанев предупредува дека само софтверски решенија не се доволни.
-Иако е добро што се носат вакви мерки, ние веќе доцниме со овој закон. Сепак, потпирањето само на алгоритми е опасен чекор. Тие мора да бидат тренирани од човечки фактор. Постои сериозен ризик од нарушување на границата помеѓу ефективната борба и загрозувањето на човековите права. Гледаме како и кај многу посериозни демократии службите се соочуваат со обвинувања за пречекорување на овластувањата преку вештачка интелигенција. Овој феномен допрва ќе го намалува демократскиот периметар.
Прашањето за контролата врз верските објекти останува една од најкритичните точки.Истражувањето насловено „Разбирање на превенцијата на радикализацијата во Северна Македонија“ алармира дека ИВЗ нема целосна контрола врз џамиите во Куманово, со што овој град се мапира како „плодна почва“ за регрутирање. И покрај обидите да се добие став од ИВЗ за растот на радикални групи и контролата врз објектите, одговор до објавувањето на текстот не пристигна.
За разлика од ИВЗ, од МПЦ ОА излегоа со јасен став.
„Црквата не препознава раст ниту на десничарски, ниту на лебвичарски екстремизам во своето тело. Таа, како заедница вкоренета во верата во Троединиот Бог- Кој е љубов- не се обликува според иделошки координати, туку според евангелсактата заповед за љубов кон секој човек. Повикот на Црквата не е кон исклучување, туку кон заедништво; не кон спротивставување, туку кон преобразување на човечкото срце.“
Анкетите на терен покажуваат дека граѓаните од сите вероисповеди ја препознаваат опасноста и ја осудуваат злоупотребата на светите имиња за радикални цели.
Како клучна алатка за превенција, надлежните потсетуваат на „Red Button“ (Црвено копче) на сајтот на МВР, каде граѓаните можат анонимно да го пријават „тивкиот повик“ на радикализацијата пред тој да се претвори во насилство.
Оваа содржина е изработена во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“што го спроведува Институтот за комуникациски студии, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
