Македонија
2. February 2021 - 12:38

Точно еден месец по пожарот во „Глобал“, се уште се утврдуваат причините и штетите

Еден месец по големиот пожар во трговскиот центар Глобал во Струмица се уште не е познато како тој настанал и што го предизвикало.Од обвинителството информираат дека интензивно работат на случајот.  Јавниот обвинител кој постапува по предметот во континуитет преземал дејствија во насока на утврдување на фактите. Веќе биле сослушани 15 лица кои може да дадат податоци потребни за истрагата, а се вештачеле и снимките од видео надзорот, односно ресиверите. Обвинителството најавува вештачење и на целокупната градежно техничка документација за објектот.

 „Обвинителството ја одзеде целокупната градежно техничка документација од општината во врска со ТЦ Глобал, по што се дадени наредби за вештачења кои се очекува да пристигнат. Пристигнати се податоци и документација која беше побарано од ЈПКД Комуналец Струмица, претпријатието кое стопанисува со  тезгите - пазарот во внатрешниот дел на ТЦ Глобал“, стои во писмената информација од јавното Обвинителство.

Во пожарот во трговскиот центар Глобал кој избувна доцна вечерта на 2 јануари оштетени се 44 деловни објекти-дуќани и магацини и 24 тезги. Висината на штетата засега не е позната. По барање на обвинителството за тоа ќе се произнесе вешто лице. Во меѓувреме економските оператори кои стопанисуват во Глобал сами прават проценка, а барањата ги доставуваат до општинската комисија за проценка на штети. Во исто време интензивно се работи на санирање на оштетените делови и градскиот пазар. Неодамна беше формирано  и здржение Обнова на Глобал со посебна сметка за донации, наменета исклучиво за обнова на опожарените делови.