Тошковски: Нема радијациско зрачење од пожарот во Трубарево, а над 400 метри од центарот на жариштето не е измерена загаденост
За секој за кој ќе има доказ Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите активности, порача вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференција по седницата на Управувачкиот комитет за справување со кризи, по пожарот во скопското село Трубарево во објект во кој се складирани поголеми количини електронски и пластичен отпад.
Како што соопшти, пожарот веќе е локализиран, нема опасност за негово проширување, но се уште е активен. За да се елиминира опасноста од загаденоста на воздухот на жителите што се најблиску до жариштето им се препорачува да ги напуштат домовите и им се ставени на располагање сместувачки капацитети во Центарот за обука во Идризово.
Приоритет, истакна Тошковски, е заштита на животот и здравјето на граѓаните.
Дирекцијата за радијациска сигурност утврдила дека нема радијациско зрачење, додека АБХО единицата на Министерството за одбрана констатирала дека во непосредна близина има висока концентрација на штетни супстанци на 150 метри од жариштето. - На 200 метри загаденоста е ниска, а на 400 метри не е евидентирано загадување, рече Тошковски.
Во полициска станица се вршат разговори со три лица, сопственици или управители на предметниот објект. - Оперативните активности за расчистување на настанот продолжуваат во координација со јавен обвинител, соопшти Тошковски.
Карактеристично за ваквите пожари, појасни министерот, е тоа што складираните батерии особено литиум јонските, како и разни метали и хемикалии создааат екстремно високи температури при согорување и го прават гасењето исклучително тешко и ризично.
Од првите моменти по избувнување на пожарот биле мобилизирани сите расположиви ресурси, заседавале управувачките комитети кои дале насоки за делување, а за гасењето бил применет метод за гасење со ситен песок и во соработка со повеќе институции и компании се обезбедени поголеми количини.
Посочи дека состанокот на Управувачкиот комитет се однесувал на приоритетот за справување со гасењето и со здравствената состојба на луѓето, во кој периметар да се затвори жариштето околу пожарот, како да биде локализиран и нормализиран.
-Во однос на овие приоритети делуваме во рамки на можностите. Досега над 40 лица беа лишени од слобода за настанатите пожари во изминатиот период, за жал организациска поставеност помеѓу нив се уште не можеме да утвриме согласно доказите што ги имаме. Но, факт е дека во три дена ни горат четири депонии во Скопје. Господ не може да ме убеди дека ова е случајност. Ние сме должни да продолжиме да работиме согласно нашите надлежности. Ве уверувам дека секој еден за кој ќе има докази МВР ќе ги преземе сите надлежности согласно наредбите добиени од страна на судот по претходно преземени дејствија од јавен обвинител, наведе Тошковски, на новинарско прашање.
Истакна и дека ваков тип на пожар првпат настанува на територија на државата на ваков тип фабрика за рециклирање отпад.
-Првпат имаме ваков тип пожар во Македонија, побаравме и добиваме стручна помош од домашни и странски експерти. Ова се должи и на негрижа од претходни влади и тоа доведе до овие проблеми, и во Вардариште и Дрисла, рече Тошковски.
Дополни и дека располагаат со соодветна опрема, доставени се гас маски и маски Н95 за жителите кои се во најголем ризик т.е. на радиус 150 метри.
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека досега нема ниеден хоспитализиран пациент како последица од пожарот.
-Досега немаме информации дека загаденоста е на ниво за да не може да се излезе надвор. Од акредитирана институција е земен материјал и до понеделник ќе имаме официјални резултати и најверојатно на прес-конференција ќе известиме за структурата на воздухот во овој момент, рече Алиу.
Во однос на влијанието од пожарот на земјоделските култури, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски укажа дека во зафатениот регион има мала земјоделска површина со едногодишни култури кои се веќе собрани.
-За останиот дел од културите ќе треба дополнително да се провери. Секој кој ќе има штета ќе биде обесштетен, најави Трипуновски.
Претходно од Министерството за здравство информираа дека во координација со Институтот за јавно здравје, обезбедиле 2.000 заштитни маски N95 за жителите на Трубарево со цел намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот.
На лице место се присутни и две возила на итната медицинска помош, подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба.
Институтот за јавно здравје, пак, објави препораки за заштита на здравјето и благосостојбата на граѓаните во случаи кога постои евентуален ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни материи.
МИА
Ново на Сител
-
Модернизација и поголема финансиска поддршка, услови за напредок на македонското земјоделство
-
Полицијата истражува дали пожарот во Дрисла е подметнат
-
Тема на денот со Ана Каранфилова Мазневска, раководител на сектор за отпад во МЖСПП
-
Дрисла чади 4 ден, надлежните утре влегуваат со нова механизација
-
Партиите ги финализираат списоците со кандидати за градоначалници и советници - утре на полноќ истекува рокот за поднесување
-
Предизборни пратенички прашања: АНБ, провокации за името, партиски трансакции
-
Онкологија 2: Нино Васев и Ненад Нухи не чувствуваат вина за кривичните дела за кои ги товари обвинителството
-
ОЈО - Штип со детали за тешката сообраќајна несреќа со кобни последици