Македонија
20. January 2026 - 20:02

Трипуновски: Младите да ги искористат поволностите и рентабилноста на тутунопроизводството

Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун, по просечна цена од 419 денари. Истиот е во вредност од 170 милиони евра и е 95% исплатен кон тутунопроизводителите. Оваа бројка е за скоро 1,5 милиони килограми повеќе тутун за разлика од лани. Министерот за земјоделство кој денеска беше во посета на откупните центри во прилепско ги повика младите да ги искористат моменталните бенефити од тутунопроизводството како доста профитабилна гранка.

„Навистина рентабилноста во оваа гранка е доста голема и нормално сигурноста во делот на производството е предвидлива, односно знаете кога ќе произведете, кој ќе го купи и по која цена, субвенциите се тука како категорија која што помага, плус оние дополнителни поддршки што ги даваме од оваа година, а тоа е зелената нафта која е во една сериозна количина за секој еден тутунопроизводител, плус површинската мерка од 6.000 денари по хектар, што вака сумирано е еден добар показател дека има иднина во оваа гранка и младите луѓе ги охрабрувам да влезат во процесот“, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.

Од Сојузот на тутунски здруженија се надеваат дека со новите измени на законот за тутун дека ќе се внесе одредба со која без нивна согласност во иднина нема да може да склучат договори.

„Работната група што го работи Законот за тутун има новини што ќе се внесат во тој Закон за Сојузот да ги има тие ингеренции, да без договор, односно без согласнот на сојузот и откупувачите да не можат да почнат да ги склучуваат новите договори. Јас мислам дека има шанси, ќе опстоиме на тоа да издржиме, со целиот интерес да биде во тутунопроизводството и на тутунарите, но и на компаниите“, рече Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија.

Според Сојузот на тутунарски здруженија на терен се останати уште околу 300 тони. Откупот трае до 28 февруари.