Убиената Росица 7 пати го пријавувала насилникот во полиција, Обвинителството постапувало по пријавите
Убиецот Илија Стефановски, кој вчера ја избоде до смрт својата поранешна партнерка Росица од Велес и нејзиниот татко, а потоа си го одзеде животот, бил познат на Обвинителството. Против него се воделе постапки за закани и насилство уште од почетокот на оваа година.
Росица првпат го пријавила во февруари, откако ѝ ја загрозил сигурноста. Во март повторно се обратила до институциите и пријавила дека Стефановски му нанел телесни повреди на нејзиниот тогашен партнер. Истиот месец, таа пријавила и претходен инцидент, дека во декември, кога се вратилe од патување во Бугарија, на коешто отишле заедно бидејќи Илија ја викнал со него да му помогне за превод, ја задржал во стан во Скопје и физички ја нападнал.
Во исказот кој го дала во обвинителството стои:
По завршување на обврските во Софија на враќање кон Скопје, во еден момент настана караница меѓу нас од причина што истиот бараше да ја обновиме нашата врска, но од моја страна имаше негодување од таквото негово барање, при што во еден момент пробав да ја отворам вратата од автомобилот, а тој се обрати кон мене со зборовите - Или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва.
Тој побарал од неа да преспијат кај него во Скопје, а Росица се согласила само доколку таму биде неговата мајка. Кога пристигнале во неговиот стан, тој ја повикал мајка му но веднаш почнал да ја малтретира Росица и да и нанесува повреди и ја заклучил во неговиот дом до наредниот ден, без телефон. Следниот ден таа разговарала со него да ја пушти и дека ќе побараат помош за нивната врска, по што тој се согласил. Бидејќи била истрауматизирана по два дена ги пријавила во полициска станица во Ѓорче, а потоа и ПС Пролет.
Обвинителството продолжило да постапува по пријавата на Росица.
Иако дури траела постапката против него била изречена мерка за забрана за приближување, тоа не го спречило да ја вознемирува. Продолжил да ѝ испраќа пораки, а во мај дошол пред нејзиниот дом и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. Росица повторно го пријавила во Обвинителството во Велес за непочитување на судската одлука. Еден месец подоцна, таа била повикана на испитување, а обвинителството издало наредба да се прибават дополнителни докази, меѓу нив видео снимки и телефонска комуникација.
На 10 септември, велешкиот суд го осудил на условна казна.
На 10 септември 2025 година, Основниот суд во Велес постапувајќи по обвинението изрече пресуда со која Стефановски беше огласен за виновен и му изрече алтернативна мерка – условна осуда. Со тоа му беа укинати дел од мерките на претпазливост кои важеле за време на постапката. Сепак, на сила остана забраната за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, сè до правосилноста на пресудата.
Пет дена подоцна од пресудата, Росица е убиена заедно со нејзиниот татко.
Од Велешкото обвинителство соопштија дека одлуката на судот тукушто била примена во Обвинителството и се уште немале можност да се произнесат по неа со евентуална жалба.
Адвокатот Јанаки Митровски, вели дека постои законски проблем каде што Обвинителството има лимитирани можности да бара притвор, а како дополнителен проблем е тоа што се кубури со судии и обвинители. Ако условна казна не се почитува, судот треба да ја отповика.
Убиената Росица го пријавувала убиецот Илија седум пати во полиција од почетокот на годинава. За вознемируување, физички напад, цртање графити со заканучвачка содржина, палење автомобил, непочитување на забрана за приближување.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар