УЈП со засилени контроли, илјадници даночни обврзници вршат дејност без фискален уред

Како дел од континуираните активности за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина кои Управата за јавни приходи (УЈП) ги спроведува во изминатиот период, почнуваат засилени активности насочени кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем на опрема.
Согласно службената евиденција на УЈП, во дејностите трговија на големо и трговија на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, правни и сметководствени дејности, туристички агенции и организатори на патувања (туроператори), каде што претежно се врши промет на добра и услуги кон крајни купувачи со готовински плаќања, 6.451 даночен обврзник се деловно активни и имаат вработени лица, а воопшто немаат регистрирано фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања.
Од нив, 3.115 субјекти се регистрирани и за целите на ДДВ, што дополнително укажува на вршење редовна деловна активност.
Како што информира УЈП, активностите и контролите во првата фаза ќе бидат насочени токму кон овие активни субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски за евидентирање на готовинските плаќања.
Дополнително, од страна на УЈП се детектирани уште 13.966 даночни обврзници во овие дејности без регистрирани фискални уреди, за кои ќе се спроведат теренски проверки, вкрстување на податоци и други контролни механизми, со цел да се утврди дали истите реално вршат деловна активност без да го пријавуваат прометот и без да пресметуваат и плаќаат даноци.
-Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки согласно закон, потенцира УЈП.
Согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, секој даночен обврзник кој врши промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (готовински плаќања) е должен да воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и задолжително да издава сметка за извршениот промет, односно услуга (фискална сметка).
Во таа насока, даночните обврзници се должни: да воведат и користат фискален апарат или фискален систем на опрема, да го регистрираат истиот во Управата за јавни приходи пред започнување со вршење на промет и да издаваат фискална сметка за секоја извршена продажба на добра или услуги за која се врши готовинско плаќање.
Управата за јавни приходи укажува дека непостапувањето согласно законските одредби предвидени во Законот за регистрирање на готовинските плаќања претставува прекршок за кој се предвидени парични глоби и запечатување на трговски објекти согласно прекршочните одредби од законот.
-Ги повикуваме сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовинско плаќање, а немаат воведено и регистрирано фискален систем на опрема, да преземат итни активности за доброволна усогласеност и да извршат набавка, инсталација и регистрација на фискален апарат преку овластен оператор и согласно постапката утврдена од Управата за јавни приходи. Ќе го следиме усогласувањето и ќе преземеме мерки во насока на целосно и задолжително исполнување на законските обврски. Борбата за сузбивање на сивата економија останува еден од нашите приоритети, а контролите за фискализација имаат за цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис, наведува УЈП.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Дарко Дaнев, кандидат за ректор на УКИМ
-

Обвинителството тврди дека промената на обвинителката нема да влијае врз предметите за „Пулс“
-

Стартува реконструкцијата на охридскиот аеродром
-

Францускиот амбасадор вели дека гаранции се невозможни, Mицкоски подготвен да чека децении за уставните измени
-

Запленети 40 тони јајца на Табановце
-

Анкета: Голема поддршка за системот Безбеден град и законот кој треба да забрани пушење на јавни места
-

Треба да се даде поголема поддршка за социјалното претприемништво на младите, особено во малите средини
-

Органодарителство, хуманост што спасува животи
