Македонија
14. September 2023 - 16:32

Уште една церемонија за почеток на ,,Бехтел и Енка''

По втор пат, но овој пат со минирање, беше означен почетокот на градежните работи на автопатот Прилеп-Битола. Првиот пат беше во мај кај ТИРЗ Прилеп кога се постави камен темелник, но машините си заминаа само 2 часа по настанот. И денеска немаше градежни машини на местото каде се случуваше настанот, но сите се надеваат дека конечно ќе се започне со долго најавуваните активности. Бехтел и Енка во моментов се во потрага по работници, а саеми за работници досега има во Тетово, Гостивар и Битола, а денеска таков се одржа и во Прилеп.

„Досега имаат 360 сивија кои ги разгледуваат од наши сограѓани, од сите различни профили. И тоа е малку, бидејќи во моментов она што најмалку им треба на „Бехтел и Енка“ од наши работници е 2.000. Затоа сакам овие саеми за вработување да бидат поттик за сите наши сограѓани, без разлика на возраста сите оние кои се работоспособни, кои сакаат да работат на овој голем проект“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Беше потенцирано големото значење на изградбата на овие инвестиции и тоа дека за неколклу години целиот Коридор 10Д од Градско преку Прилеп и Битола, па се до Меџитлија на грчка граница ќе бидел покриен со експресни патишта и автопат. 

„Денеска сме на трасата на автопатот Прилеп – Битола кој е најголем проект, историски гледано, во овој регион, кој несомнено ќе биде шанса за развој, за економски просперитет, за граѓаните да ги задржиме овде, за повеќе домашни и странски инвестиции да имаме во Прилеп, Битола и сите останати општини“, кажа Благој Бочварски, Министер за транспорт и врски.

„Регионалната поврзаност и добрата инфраструктура се премногу важни, и се едни од нашите цели, но и цели на Владата на Северна Македонија. И ова поврзување на градовите Битола и Прилеп со модерен и безбеден автопат е премногу важно“, истакна Ерик Мејер, заменик амбасадор на САД во Македонија.

За да се заштеди на време во изградбата на патот, за разлика од минатото не се чекало да се собере целата потребна документација, па да се започне со работа туку работите ќе се решавале во од.

„Затоа паралелно се одвива и експропријација, и проектирање, и геолошките испитувања и градбата со денеска почнуваме заедно тука“, додаде Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП.

Но и денеска не беше потенцирано колку точно ќе чини овој автопат кој треба да биде долг 39,3 км и треба да биде изграден за 57 месеци.