Македонија
20. January 2026 - 20:03

Утре повторно протест пред Усје

Утре повторно протест пред Цементарница Усје. Здружението „Стоп за Усје“ во 18 часот ќе ја блокира крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“.

Причините се јасни и видливи, а загадувањето го чувствуваат сите, сметаат од Здружнието. Велат, не веруваат во официјалните извештаи за квалитетот на воздух бидејќи компанијата сама си го мери загадувањето.

„Ве прашуваме, кој што сам си го мери загадувањето, за себе ќе каже дека загадува? А кој загадува знаеме и чувствуваме сите. Ние не веруваме во вашите мерења, затоа е потребно исполнување на нашите барања... А тоа е мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 година, да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците.“

Активистите бараат поставување на повеќе мерни станици во поширокиот простор околу „Усје“, а не само на оџаците. Нивното барање е радикално – доколку мерните станици покажат надминување на вредностите, фабриката автоматски да престане со работа.

„Еве, не работат оџаците, убав е воздухот. Како може да ги впериме прстите кон граѓаните, да речеме ние не сме загадувачи? При секое прекршување веднаш да се изрекува казна по принципот на „Сејф Сити“, како и времена забрана за работа.“

Преку писмено соопштение „ТИТАН Усје“ вели дека ги разбира грижите за воздухот, но обвинувањата ги оценија како неосновани и некоректни напади кои не се темелат на аргументи. Тврдат дека компанијата е под 24-часовен независен мониторинг, а нивните гранични вредности се дури и построги од законски пропишаните.

„Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет... Во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување на заштитата на животната средина. Сите независни студии укажуваат дека , индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.“

Кон крајот на минатата година граѓани протестираа на истата крстосница. Беше побарана и дислокација на фабриката, за што добија поддршка од Советот на Град Скопје. Сепак, премиерот Мицкоски иако првично даде поддршка, потоа порача дека државата не може да му влезе некому дома и да му каже да си ја пресели куќата.