Вакцинација на приватниот сектор во Штип
Вработените од приватниот сектор, посебно од маркетите и помалите фирми ќе имаат приоритет при имунизацијата. Неколку фирми, меѓу кои и конфекции, веќе пројавиле интерес и составиле список на вработени кои сакаат да се вакцинираат. Списоците треба да ги достават до стопанските комори, а од таму ќе бидат лиферувани до Министерството за здравство, кое ќе ги внесе во системот и ќе ги препрати до регионалните пунктови.
- Да поднесат барање и ќе им биде доделен термин кога да дојдат за вакцинација. Досега еден маркет имаше поднесено барање, со помала група вработени и им излеговме во пресрет и ги вакциниравме, изјави д-р Дијана Коцева - Миланова, одговорна за ковид вакцинација во Штип.
Од Министерството веќе добиле и листа со 300 лица за вакцинација кои се евидентираат како хронично болни.
- На листата се наоѓаат лица со трансплантиран црн дроб, неколку лица со трансплантација на срце и претежно се болни на дијализа, додаде Коцева – Миланова.
Досега се вакцинирани и околу 60 неподвижни лица во домашни услови, не само во Штип, туку и од целиот регион.
- Се организира посета во домашни услови, се вакцинираат лицата и по протокол се задржуваме 15 минути во нивните домови и потоа екипата си оди, изјави Коцева – Миланова.
Вчера во Штип пристигнаа 4000 дози од „Синофарм“ и 1000 дози од вакцините на „Фајзер“. Ревакцинацијата со „Фајзер“ ќе започне на 19-ти мај и ќе се спроведува во просториите на Здравствениот дом.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар