Македонија
18. August 2023 - 20:03

Владата гледа надеж во кусата дискусија и недостатокот на протести

Премиерот не се откажува од уставните измени. По собраниската седница, на заедничка прес конференција со својот владин тим, рече дека ќе стори да се обезбеди потребното мнозинство, а очекува и дека промената на Уставот ќе се направи со консензус од сите 120 пратеници. Ваквиот оптимизам го темели на две основи – немало протест на улиците, а изостанала и дебата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски по денешната седница вели дека не гледа раздор во мнозинството, иако двајца пратеници не го притиснаа копчето за. Еден од нив, не гласаше ниту за францускиот предлог.

За опозицската ВМРО-ДПМНЕ, прес конференцијата на премиерот со неговиот тим, ја гледаат како собир на нервозни и загрижени луѓе за својата лична иднина. Велат, се потврдија лагите на власта дека го има потребното мнозинство за уставни измени.

„Сликата од прес конференцијата на Ковачевски каде тој зборуваше за ВМРО-ДПМНЕ, а не за слепата улица во која тој ја донесе државата е сликата за нервозни, исплашени луѓе кои се загрижени за својата лична иднина за сметка на иднината на државата. Навистина е неважно што мисли повеќе Ковачевски во државата зошто тој е нелегитимен премиер на Влада која е нелегитимна.  Денес Ковачевски требаше да се извини што лажеше цела година дека има мнозинство и дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени. Во трката за 80 пратеници ја изгубија кохезијата и подршката од пратениците од власта зошто на сите и во СДС им е јасно дека предлогот е штетен и дека бугарскиот диктат не треба да се испопни“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.