Македонија
6. September 2018 - 16:28

ВМРО-ДПМНЕ: Ќерката на Димитров добила државна стипендија од 40.000 долари - од владата велат дека се е регуларно

Ќерката на министерот Никола Димитров лани добила 40.000 евра стипендија од државата за да студира на универзитетот во Утрехт, Холандија, обвинија од ВМРО ДПМНЕ.  Од опозициската партија бараат шефот на дипломатијата да ја повлече стипендијата за неговата ќерќа.

Реагираа и од Владата и лично нејзиниот татко. Тврдат дека Јана Димитрова ги исполнила  строгите критериуми на конкурсот, а стипендии добиле сите кои се запишале на првите 100 универзитети од Шангајската листа, а останале и слободни места. Од Владата тврдат дека процедурата била во согласност со критериумите, а сите одлуки биле донесени пред ланските локални избори за студентите да не ја испуштат учебната година.

- Во случајот со стипендирањето на ќерката на Никола Димитров, не постои никакво отстапување од методологијата спроведена кај сите други кандидати, не постои  ниту нејзино привилигирање, ниту дискриминирање на било кој друг кандидат. Тоа може да се види и од списокот на кандидати и од списокот на лицата кои конкурирале. Јана Димитрова, како и сите други апликанти, за да ја добие стипендијата морала да ги исполни сите строги критериуми наведени во конкурсот и да обезбеди потврда дека е примена на еден универзитет од шангајската листа, во дадена област којашто се стипендира, се вели во соопштението од Владата.

Министерот Димитров на неговиот фејсбук профил напиша дека е згрозен од јавното изложување на неговата ќерка затоа што успеала да се запише на еден од најдобрите универзитети и повика ударите за неговиот политички ангажман да ги упатат кон него.

- Згрозен сум од вовлекувањето на моето семејство со очигледни политички мотиви во време кога не’ чека историска одлука, напиша министерот Димитров.