ВМРО-ДПМНЕ со кадровска реконструкција - СДСМ обвинува за концентрација на моќ
Партиското кадровско освежување на ВМРО-ДПМНЕ, укинувањето на потпретседателските функции, но вклучување и на нови имиња во раководните тела на партијата секогаш носи нова енергија, оценуваат експертите по реконструкцијата на владејачката партија. Според аналитичарот Арсовски, укинувањето на потпретседателите ќе значи еднаков терен за оние кои претендраат да дојдат на чело на партијата по мандатот на Мицкоски.
Според Арсовски промените во партијата се дел од пакетот и на најавената владина реконструкција.
По промените во извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата реагира дека Мицкоски ги отстрани сите потпретседатели во ВМРО, за апсолутно да владее и со партијата и со институциите.
„ВМРО се враќа во времето кога службите беа главни во партијата додека се спроведува грабеж. Вели дека во мај–јуни ќе има реконструкција на владата за да постави уште некои свои луѓе кои му требаат. Уздите ги стави во свои раце и продолжува со ограбувањето на државата во својот најтесен круг на пријатели...Тоа се „реформите“ во ВМРО, наместо нови лица – стара банда“.
ВМРО ДПМНЕ возвраќа – обвинувањата на СДСМ се неосновани.
Оние кои повторно ја добија довербата на Мицкоски да останат дел од највисоките тела на партијата, но и новите кадри најавија дополнителна енергија и внатрешна кохезија.
По состанокот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави дека пратеникот Драган Ковачки е новиот генсек, а досегашните потпретседатели остануваат во ИК. Владимир Нелоски останува на позицијата шеф на кабинетот на Мицкоски. Ивица Томовски е новиот организациски секретар на партијата.
Како дел од извршниот комитет остануваат и пратениците Мицевски, Стојановска, Милошоски, Мизрахи, Панова, Бојковска. Градочалниците на Скопје и Охрид, Ѓорѓиевски и Пецаков, портпаролката на владата Митева и владиниот генсек Игор Јанушев. Нови имиња кои треба да станат дел од ИК ќе бидат познати по завршувањето на огласите за нови претседатели на Униите на ветерани, жени и млади сили.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
