Внимателно со барањата за високи плати, да не вивне инфлацијата!
Внимателно со барањата за зголемување на платите. На тој начин само би се подгреала инфлацијата, алармираат експертите. Додека во Европската Унија таа се спушти под очекувањата од 2 отсто, кај нас сеуште е релативно висока. За да се поттикне трошењето, ЕЦБ неделава ја намали референтната камата, додека во земјава, можно е да се зголеми ако продолжи растот на трошоците за живот.
Во следниот период треба да се одвикнеме од барањата за повисоки плати без да бидат проследени со зголемена продуктивност. Дали тоа ќе значи и повисоки каматни стапки, да, секако. изјави Марјан Петрески, универзитетски професор
Базичната камата во еврозоната сега изнесува 2%, Кај нас е 5,35 процентни поени. Наместо олабавување како во ЕУ, можеби ќе ни треба затегање, иако во моментов монетарната политика Петрески смета дека е добро поставена. Вели дека курсот на денарот мора да остане стабилен, а дали е надценет, не може да се заклучи само од анализата на 2 фактори.
Треба поцелосно гледање на сликата-обемот и структурата во трговијата, што се случува со платниот биланс, со девизните резерви. Инаку што се однесува до курсот на денарот - фиксниот курс е сидро на македонската стабилност. Таков е изминативе 30 години и таков треба да остане. Дури и да постои евентуална натценетост, тоа повеќе треба да се решава со структурни политики, додава Петрески.
По стапување на фунција, новиот гувернер изјави дека денарот е натценет во однос на еврото за 9%, но тоа не значи дека ќе се менува курсот. Се до влегување во Унијата и воведување на еврото, Славески вели дека денарот останува фиксен, а за пониска инфлација, во соработка со фискалната власт ќе ги стабилизираат цените.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар