Македонија
23. March 2021 - 12:19

Во гевгелиската болница нема ниту слободни кревети ниту доволно персонал

Во гевгелиската болница повеќе нема слободни места. Зголемениот број на нови ковид пациенти ги наполнија сите расположливи капацитети. Освен модуларната болница која веќе подолго време е исполнета, целосно е полно и невро психијатриското одделение кое беше адаптирано за потребите на пациентите позитивни на ковид.

„Во општа болница во Гевгелија се исполнети до последно место расположливите капацитети за болничко лекување на заболени пациенти од Ковид 19. Во модуларната ковид болница на лекување се стационирани 15 ковид заболени колку што има и кревети, а уште 10 ковид пациенти се сместени на адаптираното невро психијатриско одделение што значи дека расположливиот капацитет од 25 кревети за болничко лекување на ковид заболени е максимално исполнет. Покрај ова на дневно лекување моментално имаме по 60 ковид заболени пациенти“, вели д-р Митко Крџев - директор на Општа болница Гевгелија.

Директорот на болницата вели дека веќе разгледуваат можности за адаптирање на дополнителни капацитети. Простор имаат, но проблем е персоналот бидејќи голем дел од него или е позитивен или се наоѓа во изолација.

„Голем број медицински сестри, доктори и болничари се заболени или пак се наоѓаат во изолација поради контакт со заболени лица, така што постои принуда од прераспределување на персоналот каде што е најпотребно, а во моментот тоа се ковид болницата и итна медицинска помош“, вели д-р Крџев.

Во моментов, Гевгелија е општина со најголем број активни случаи во Југоистокот од државата, 324.  По неа следува Струмица со 259, а потоа Валандово и Богданци каде бројките се двоцифрени. Последна на табелата е општина Дојран со 9 активни случаи.