Во Исар Марвинци откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање

Археолошките истражувања на локалитетот Исар–Марвинци кај Валандово во 2026 година донесоа исклучителни резултати, кои значително ги прошируваат досегашните сознанија за урбаниот развој, архитектурата и секојдневниот живот во античкиот град. Овогодишните истражувања, реализирани од Националниот археолошки музеј - Скопје беа насочени кон истражување на дел од комплексот на јавната градска бања од римскиот период. Досегашните археолошки сознанија укажуваа на постоење бањски простор со ладна вода. Меѓутоа, најновите откритија потврдуваат дека по II век од н. е. комплексот располагал и со простор за капење со топла вода, опремен со развиен систем за загревање.
Како што посочуваат од Националниот археолошки музеј, едно од најзначајните откритија е монументален базен со димензии поголеми од 4,5 × 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри. Неговата конструкција е изведена со специјален водоотпорен малтер, врз кој била поставена мермерна облога изработена од повеќе од осум различни видови мермер. Особено внимание привлекува и застаклувањето на мермерните површини, кое претставува дополнителен показател за вниманието посветено на завршната обработка и естетскиот изглед на просторот.

- Особено значајно е откривањето на исклучително добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и систем за циркулација на топол воздух. Овој наод овозможува непосредно проучување на техничките и инженерските решенија применувани во римската бањска архитектура. Откриениот комплекс е директно поврзан и со градската цистерна, што отвора нови можности за истражување на водоснабдувањето и инфраструктурната организација на античкиот град- нагласуваат од Националниот археолошки музеј.
Исклучителната зачуваност на архитектурата, како што велат, претставува една од најголемите вредности на откритието. Просторот се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина, а неговите сочувани конструктивни елементи овозможуваат ретка можност за проучување на римски бањски комплекс во неговиот оригинален архитектонски контекст.

- Квалитетот на градбата, внимателно изведената хидроизолација, разновидноста на мермерните облоги, нивната завршна обработка и сложеноста на системот за загревање укажуваат на значителни вложувања во јавната инфраструктура. Овие откритија дополнително го потврдуваат економското и урбаното значење на градот на Исар во римскиот период. Истражувањата открија и сведоштва за подоцнежните фази на користење на просторот. Над бањскиот комплекс се регистрирани остатоци од печка/топилница за железо и стакло, датирана во IV–V век, како и дел од објект со претпоставена воена функција. Овие наоди укажуваат на промените во намената на просторот во текот на доцната антика, кога делови од некогашниот јавен комплекс добиле поинаква функција, прецизираат од Археолошкиот музеј.
Од Националниот археолошки музеј изразуваат благодарност за поддршката и соработката на Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, НУ Завод и музеј – Струмица и Општина Валандово.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Павле Трајанов, Национален координатор за спречување насилен екстремизам
-

До 15 години затвор за корупција
-

Мицкоски: Имаме најстабилна Влада во овој дел на Европа
-

Полицијата ќе отстранува потенцијални насилници од сопствениот дом на 48 часа
-

Почна расправата за буџетот: Колку ќе собере, а колку ќе потроши државата догодина?
-

Мицкоски: Зимата ќе биде тешка - ќе сториме се за да нема големи поскапувања
-

Скопје слави 82 години од ослободувањето
-

Во месецот посветен на машкото здравје бесплатно тестирање на рак за простата во ЗД „Железничар“
