Во кој суд ќе им се суди на обвинетите за пожарот во „Пулс“?
Каде ќе се суди предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“? На ова прашање утре одговор ќе бара Апелациониот суд во Штип, откако кочанскиот суд побарал да биде изземен од оценување на обвинението и водење на судењето. Сите петмина судии од Кочани веќе одлучувале при одредување на мерки за обвинетите, па во известувањето до повисокиот суд во Штип, побарале надлежност за предметот да добие друг суд.
Од штипска апелација за Сител велат дека утре на колегиум ќе одлучуваат по барањето за изземање на Кочанскиот суд. Ќе се анализира и дали некој друг суд од штипското апелациско подрачје ќе ја добие надлежноста да суди, или, пак ќе бараат Врховен да одлучи кој суд во државата да постапува. Појаснуваат дека судовите од истокот кубурат со кадар и технички услови, а најголемата судска сала можела да прими едвај шеесетина лица.
Обвинението за трагедијата во која загина 63 млади, до судот во Кочани беше испратено во петокот. Обвинети се 34 лица и две фирми. Се гонат двајца министри, тројца градоначалници, четворица директори на ДЗС, пазарни инспектори, сопственикот на дискотеката, обезбедувањето. Сите се обвинети за тешки дела против општата сигурност.
Во меѓувреме, опозициската СДСМ и денеска прашува дали власта преку фирмата која вршела сметководствени услуги на „Пулс“, го штитела незаконското работење на дискотеката.
„Истата таа фирма, според нашите сознанија, можеби водела фиктивно сметководство за фирмите поврзани со дискотеката „Пулс“. Постои сериозен сомнеж дека преку неа биле исплаќани паушали за полициска заштита на локалите кои биле оставени без контрола, меѓу кои и „Пулс“ – каде животот го загубија 62 деца. И уште потежок е сомнежот: Дали токму тие пари, од подземјето, завршувале во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?“, изјави Симона Цветаноски, СДСМ.
Обвинувањата според премиерот Мицкоски, биле само обид за прибирање политички поени.
„Тука СДСМ повторно на некрофилски начин ја злоупотребува трагедијата и загубите на луѓето. Мислат дека така ќе профитираат, но мислам дека се лажат. Што се однесува до политичката кампања околу донациите тоа може да биде само уште еден доказ повеќе дека нема селективност, за разлика од случајот со Модуларната болница, Ласкарци, Беса транс, кога до ден денес имаме привилегирани директни или индиректни актери во тој случај“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
По барање на родителите на загинатите, денеска во Кочани се одржа средба со државниот обвинител и тимот кој ја водеше истрагата. Бараа да слушнат кои лица се обвинети и зошто дел од осомничените не се опфатени со обвинителниот акт.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар