Во Министерството за политички систем се земало плата, а не се одело на работа
Плати без да се доаѓа на работа, гориво за сопствени возила, исчезнати компјутери – ова се дел од неправилностите во работата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во време кога ресорот го водел Артан Груби.. Пропустите ги открива извештајот на заводот за ревизија кој ја анализирал работата за 2023 година.. Според ревизорите, над 60 отсто од вработените во министерството земале плата без воопшто да работат..
„За 61% од вработените, исплатата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените“, открива извештајот на ДЗР..
Сомнителни трошења се утврдени и при одбележување на годишнина од Охридскиот рамковен договор и Денот на албанската азбука.. Министерството немало документи за покривање на трошоците за скоро 85 илјади евра – нема податоци за број на гости, ноќевања или ангажирани експерти, па не може да се утврди како се потрошени парите..
Според извештајот, не се штедело на финансирањето здруженија и фондации.. Во една година биле распределени 320 илајди евра, но без контрола како се трошеле парите..
„Од вкупно 33 здруженија и фондации, половината или 17 од нив, треба да извршат поврат на средствата во Буџетот на државата во износ од 19.850 евра од причина што не достаставиле докази за трошење на средствата“, наведува ДЗР.
Неправилности има и кај тендерите.. Фирмата што ги сервисирала возилата понудила искучително ниска цена за работен час од 0,01 денар, ама деловите ги наплаќала неколкупати повисоки од пазарните.. Во меѓувреме, неконтролирано се точело гориво.. Со пари на министерството се полнеле резервоари ама не се запишувало чии биле возилата..
„На име трошоци за нафтени деривати, исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, без да се врши контрола на регистарските таблици поради што овозможено е моторни возила кои не се во сопственост на Министерството да полнат гориво“, наведува ДЗР.
Ревизорите посочуваат и дека за одржување на системот за ладење и греење на објектот, биле исплатени 10 илјади евра, ама без евиденција какви услуги се извршени.. Дополнително, од министерството исчезнале 30 лаптоп компјутери, а се изгубила и трагата на побарувања во вредност од 34 илајди евра кои ги земале вработните, но не е јасно по кој основ и дали се вратени..
Извештајот на ревизија доаѓа по една недела откако Груби кој во анализираниот период раководеше со Министерството за политички систем, беше упасен на граница и во домашен притвор го чека обвинението за злоупотреби во Државната лотарија..
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
