Македонија
9. January 2026 - 16:41

Во недела ќе се бира градоначалник во четири општини

По неуспешниот прв обид поради недоволна излезност, жителите на Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа во недела повторно ќе гласаат за градоначалник. На овие избори, за разлика од октомвриските, нема да се применува цензус за излезност, што значи дека градоначалник ќе биде избран со мнозинство од гласовите на оние што ќе излезат на гласање.

Право на глас на 11 јануари ќе имаат околу 128 илјади граѓани.

Во Центар Жупа на избирачкото ливче ќе стои само едно име. Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците е единствениот кандидат, откако неговите противкандидати од првиот круг се повлекоа. Ибраим е добро познат на локалната јавност, зад себе има два градоначалнички мандати, а по пропаѓањето на изборите беше назначен и за повереник од Владата.

Во најголемата од четирите општини, Гостивар политичката трка доби нова динамика. Коалицијата Вреди влегува со нов кандидат, Невзат Бејта, поранешен градоначалник и ексминистер од редовите на ДУИ, но во оваа трка тој настапува со коалицијата ВРЕДИ. ДУИ пак го поддржува Ваљбон Лимани, кој во првиот круг освои значително повеќе гласови од противкандидатот на Вреди односно 16 949 гласа наспроти, 4221 гласа на кандидатот на ВРЕДИ.

Во Врапчиште, каде гласаат околу 27 илјади избирачи, ДУИ настапува со Исен Шабани, поранешен градоначалник кој по трет пат ја бара довербата на граѓаните. Негов противкандидат овојпат е Зуљхајрат Демири, поддржан од група избирачи. Првиот круг покажа убедлива предност за Шабани.

Во Маврово и Ростуше повторно се соочуваат истите имиња. Онер Јакупоски, поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Анес Ахмети од СДСМ. Во првиот круг Јакупоски имаше предност, но недоволната излезност ги поништи резултатите. Оваа општина и Центар Жупа и во минатото се соочуваа со вакво сценарио, а градоначалник добиваа дури по повеќекратни изборни обиди.