Во Нови Сад претставена Стратегијата на Македонскиот национален совет во Србија за периодот 2026-2031 година

Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија синоќа во Нови Сад ја претстави Стратегијата за работа за периодот 2026 – 2031 година - план за работа за унапредување на културата, образованието, службената употреба на македонскиот јазик и писмо, како и информирање и медиумска видливост. Во исто време таа дава насоки и за зголемена институционална застапеност на македонската заедница во Србија.
Стратегијата ја претставија Зорица Митровиќ, претседателка на Македонскиот национален совет и Марјан Јованоски, секретар на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.

Во изработката на Стратегијата помогнала и канцеларијата на ОБСЕ во Србија и заедно со нив преку истражување анкети и разговори со припадниците на македонското малцинство во Србија е успеано да се согледаат потребите да се постават целите. Најголем акцент во Стратегијата е ставен во областа на образованието и вклучување на младите во сите области во кои функционира и делува Советот.
„Изработката е иницирана во 2024 година. Таа е амбициозна и реална, а целосната реализација ќе зависи од расположливите финансиски средства во следниот петгодишен период. Нашата посветеност останува јасна – одговорно, транспaрeнтно и посветено да работиме за доброто на македонската заедница во Србија, истакна Марјан Јованоски при претставувањето на Стратегијата.
Тој додаде дека Советот е клучен институционален механизам преку кој се остваруваат колективните права на македонската заедница согласно законите во Србија.
Советот работи на зачувување и афирмација на македонскиот јазик и култура, информирање на македонски јазик, јакнење на организациите, поврзување со институциите во Македонија, како и на јакнење на меѓусебната соработка и солидарност во рамки на заедницата.
„Потребата за изработка на нов документ е поради комплексниот општествен и демографски контекст и овој документ претставува основа за координирано делување на сите релевантни чинители во македонската заедница. Нејзината визија е активен и одговорен и за македонската заедница достапен Совет“, нагласи Јованоски.
Во процесот на изработка на Стратегијата учествуваа членовите на Националниот совет на македонското национално малцинство, претставници на македонски културно-уметнички друштва, здруженија на граѓани, наставници, медиумски работници, експерти од различни области, припадници на медонската заедница и претставници од бизнис-заедницата.

Според податоците презентирани при претставувањето на Стратегијата беше наведено дека бројот на Македонци во Србија, според пописот од 2002 година, бил 25.847, додека на пописот во 2022 година таа цифра е 14.767 лица. Со македонски мајчин јазик се изјасниле 14.355 во 2002 година, додека со пописот од 2022 година таа бројка е 8.375 лица. Најголема застапеност на Македонци има во АП Војводина, но и голем број се во Белград и други делови од Србија, особено во јужниот дел од таа држава.
Причините за намалувањето на тие бројки Советот ги наведува – миграција, намален наталитет, стареење на заедницата, чувство на дискриминација кај дел од заедницата и недоволна поддршка од матичната држава.
„Процесот на изработка на Стратегијата траеше безмалку цела 2025 година со цел да се обезбеди комплетна транспарентност за да се добие на крајот документ во интерес на македонската заедница во Србија...Нашата посветеност останува јасна: одговорно, транспарентно и посветено да работиме за доброто на македонската заедница во Република Србија, нагласи Зорица Митровиќ, претседателка на Македонскиот национален совет.
На настанот, Небојша Кузмановиќ, директор на Архивот на Војводина, рече дека посакува успешна работа на Советот во реализацијата на Стратегијата.
„Оваа година Архивот на Војводина одбележува 100 години постоење...Сакам искрено да посакам успешна работа на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија. Мој впечаток е дека тоа се гледа се повеќе од година во година благодарение на работата на овој Совет во РТ Војводина каде има редакција на македонски јазик“, нагласи Кузмановиќ.

Македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски наведе дека Стратегијата не е само формален документ туку е всушност одредување детерминанти за следните пет години.
„Стратегијата практично значи одредување на детерминантите, маргините за движење во следните пет години во однос на остварувањето на положбата, правата и идниот развој на македонската заедница во Србија. Тоа не е само формален документ, за мене ова е визија што означува верификација на македонскиот идентитет, култура, обрзование, но и остварување на сите права во вистинска смисла на зборот. Формите и облиците на соработка се безгранични, тоа го утврдивме денеска во разговор со српскиот министер за човекови и малцински права и општествен дијалог, Демо Бериша. Благодарност упатувам до сите субјекти кои учествуваа во Стратегијата. Посакувам успех, македонската Амбасада ќе биде тука за соработка што верувам ќе оди во нагорна линија“, рече Тупанчевски.
Српскиот министер за човекови и малцински права и општествен дијалог Демо Бериша упати честитки за работата на Советот во врска со изготвувањето на Стратегијата и тој нивни потфат го оквалификува како „храброст“.

„Со македонскиот амбасадор имавме претпладнево состанок и разговаравме за формирање мешовита малцинска комисија што во иднина би се занимавала со прашања што би ја подигнале положбата на македонското малцинство во Војводина и исто така и на српската заедница во Македонија. Србија има еден од најдобрите закони што ги регулираат правата на малцинствата – имаме 24 национални заедници во државата односно по пописот од 2022 година – во Србија има 801.000 припадници на разни малцинства односно 12,3 отсто од вкупниот број жители. Србија ја смета Македонија не како соседна земја туку како братска држава. Малцинствата се богатството на Србија“, истакна Бериша.

Поранешнот македонски претседател Ѓорге Иванов упати искрени честитки до раководството на Советот и за него тој документ е „и визионерска, но и реална рамка за делување во наредните пет години...и претставува повик на заедништво, повик за поголема поврзаност, за координирано делување и за одговорно градење на иднината“.
„Стратегијата претставува силен инструмент за заштита на идентитетот и за афирмација на македонската заедница како активен дел од мултиетничкото општество на Република Србија. Особено сакам да го истакнам главниот фокус што Стратегијата го става на образованието на македонски јазик и на вклученоста на младите генерации. Образованието е темелот врз кој се гради и се зачувува националниот идентитет. Преку можноста децата и младите да учат, да творат и да се изразуваат на својот мајчин јазик, не се пренесува само знаење, туку и чувство на припадност, достоинство и самосвест“, рече поранешниот македонски претседател Иванов.
Тој додаде дека секоја инвестиција во наставата на македонски јазик, во учебници, наставен кадар и образовни програми, претставува инвестиција во иднината на заедницата.
„Тоа е гаранција дека јазикот, културата и традицијата ќе продолжат да живеат и да се развиваат и кај идните генерации“, рече Иванов, додавајќи дека во текот на неговиот претседателски мандат среќавал бројни припадници на македонската заедница во Република Србија, кои со искрена посветеност го чуваат својот јазик, традиција и културен код, но истовремено даваат значаен придонес во општеството во кое живеат.
„Токму таа двојна припадност, да се биде свој, а истовремено да се придонесува за заедничкото добро, е една од највисоките и најблагородни вредности на нашите заедници надвор од татковината. Тоа е чувство што не се мери со географија, туку со срце, со јазик, со традиција и со трајната духовна врска со корените“, рече Иванов.
Тој се осврна и на големиот јубилеј - 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина - историски миг што носи силна временска, идентитетска и емотивна тежина за македонската заедница. Осум децении истрајност, работа, достоинство и љубов кон своето потекло, вткаени во општествениот и културниот мозаик на средината во која живеат.
Иванов упати благодарност за севкупната поддршка што ја даваат централната и Покраинската власт во Србија, а особено за организацијата и достоинственото одбележување на тој значаен јубилеј.
„Таа поддршка не е само институционален гест, туку и силна порака дека припадниците на македонската заедница се вреднувани, почитувани и охрабрени со гордост да го чуваат своето потекло, јазик и идентитет во земјата во која живеат и придонесуваат“, рече Иванов.

Поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов нагласи дека и во иднина ќе продолжи да ги поддржува Македонците во дијаспората.
„Со особено внимание и посветеност и понатаму максимално ќе го поддржувам Националниот совет, затоа што длабоко верувам дека секој успех на македонските организации надвор од татковината е успех за Република Македонија. Таа духовна и идентитетска поврзаност претставува темел на нашето заедништво, без разлика на географската оддалеченост“, истакна Иванов.
Во 2014 година, Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија му додели на Ѓорге Иванов, Златна плакета по повод 10-годишнината од институционалното организирање на Македонците во Србија, како израз на благодарност за заложбите и личниот ангажман насочени кон зачувување на името, честа, идентитетот, традицијата и културата на македонскиот народ ширум светот.

„Македонската заедница во Република Србија, како и бројната српска заедница во Република Македонија, претставуваат жив и траен мост на пријателство, меѓусебно разбирање и плодна соработка меѓу нашите две држави. Тие се носители на една тивка, но моќна дипломатија на блискост, дипломатија што се гради преку културата, јазикот, традицијата, но и преку секојдневниот заеднички живот. Нивната улога е особено драгоцена, и културно, и општествено, и политички, затоа што преку нив се продлабочува довербата, се негува историската поврзаност и се создаваат нови можности за соработка, партнерство и заедничка иднина меѓу нашите народи и држави“, нагласи Иванов.
МИА
Ново на Сител
-

Стабилизација и годишна инфлација под 3% очекува премиерот
-

Бислимоски поднесе оставка
-

По најавите на Касами за смена на министри, Мицкоски му врати дека тој одучува кој ќе остане во Владата
-

Во Белград приведен Саитов, кој во Капиштец прегази жена и избега од државата
-

Мицкоски: Останаа уште неколку битанги кои ќе се најдат зад решетки
-

Одбраната на Васев го негира вештачењето на словенечкиот онколог
-

На Клинички ќе има четири вида на плаќање, а цените ќе ги одредува советот на Град Скопје
-

ССМ на блокада пред Стопанската комора
