Возачот кој прегази 4-годишно дете е во бегство - возилото е пронајдено
Полицијата го пронајде возилото со кое синоќа во Струмица беше прегазено четиригодишно дете, но возачот и понатаму е во бегство. Детето било удрено во патничко возило Форд Ескорт со скопски регистарски ознаки, информираат од полицијата. Од таму додаваат дека возилото е обезбедено и се наоѓа во кругот на СВР Струмица, а во меѓувреме интензивно се работи за пронаоѓање на лицето кое управувало со истото.
,,Извршен бил увид на местото на нeзгодата од увидна екипа од СВР Струмица, во присуство на Јавен обвинител. Од страна на полициски службеници патничкото возило „форд ескорт“, со скопски регистарски ознаки, е пронајдено, а се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.,, рече Хризантема Рендевска - Портпарол на СВР Струмица.
Несреќата се случи вчера доцна попладне на улицата Никола Тесла во Струмица.За сега непознатиот возач удрил во четиригодишното дете по што побегнал од местото на настанот. Од ударот детето се здобило со тешки телесни повреди поради што веднаш е пренесено во струмичката болница. Поради карактерот на повредите, после укажаната медицинска помош тоа е префрлено во клиничкиот центар во Скопје.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
