Македонија
14. May 2025 - 16:47

Врховен ја укина казната од 3 год. и 10 месеци затвор за Васил, апелација не го викнал на судењето

Врховен ја укина пресудата од три години и 10 месеци затвор со која Апелациониот суд го казни Васил Јованов заради поседување кокаин и марихуана. Од највисокиот суд во државата, велат дека побарале ново судење бидејќи во постапката, апелација ги заобиколила Васил и неговиот адвокат. Тие иако барале, судот не ги информирал дека ќе ги разгледува нивните жалби.

„Второстепениот суд, не ги известил обвинетиот и неговиот бранител за одржување на седницата, иако, такво барање било истакнато во жалбата изјавена од обвинетиот. Со ваквиот начин на постапување од страна на Апелациониот суд, сторена е повреда на одредбите на кривичната постапка, правото на еднаквост на оружјата и правото на правично судење“, се вели во одлуката на Врховниот суд.

Заради поседување 24 грама марихуана и 0,24 грама коакин, Васил првично требаше да оди во поправен дом. Но, апелациониот суд ја промени пресудата и една недела по сообраќајката, го казни со затвор од скоро четири години.. Токму таа пресуда пак вчера беше посочена како отежителна околност при одредување на казната за случајот во кој загина Фросина.

Дека ќе треба да оди во затвор и заради поседување дрога, Васил дозна во притвор, но во меѓувреме, незадоволен од пресудата, побарал вонредно преипитување, па неговиот предмет стаса до врховните судии.
Одлуката за укинување на пресудата, Врховен ја донел на петти овој месец, односно три дена пред Васил да седне на обвинителната клупа за сообраќајката кај Универзална.

Сега, апелација треба да донесе нова одлука.

„При повторното постапување, второстепениот суд е должен да одржи јавна седница, за која уредно ќе ги извести јавниот обвинител, бранителот и обвинетиот, по што ќе бидат исполнети условите судот да донесе правилна и законита одлука“, се вели во образложението на одлуката на Врховен суд. 

Васил Јованов вчера беше осуден на затвор од 12 години заради сообраќајката на Партизанска во која загина Фросина. Според судот, бројните сообраќајни прекршоци и пресудата за поседување дрога не биле доволни Васил да го преиспита однесувањето, па кобната ноќ пијан седнал зад воланот и со голема брзина удрил во девојката која минувала на пешачки.