Македонија
15. јуни 2022 - 19:46

Втор ден протест во Карбинци за ослободување на тројцата осомничени за одгледување канабис

Жителите на руралната општина Карбинци втор ден протестираат за ослободување на тројцата нивни сограѓани кои полицијата ги сомничи и приведе за одгледување канабис. Тврдат дека не се работи за илегално производство на марихуана, туку дека запленетите 15.500 стебла е диво растение кое расте по сите ниви и дворови низ селото.

-Таа дива марихуана насекаде ја има. Ако тргнете низ општина Карбинци, Зрновци и Кочани ќе видете дека покрај реката секаде ја има и во секоја нива, изјави Дончо Донев, жител на Карбинци.

-Мојот брат е земјоделец, има ниви и се занимава со земјоделие, од тоа живее, нема други приходи. Тој мора да оди на нивата, а плус тоа, во неговата нива нема ништто пронајдено- изјави Сања Стојанов, сестра на еден од осомничените.

Според МВР, марихуаната била засадена на површина од 1300 м2, од што би се добиле околу 8 тони марихуана со пазарна вредност од околу 5 милиони евра. Мештаните не се согласуваат со извештајот на полицијата.

-Самите куќи од селото се на 100 метри од нивата. Од другата страна на нивата поминува патот, така што никој не е луд од едната страна да има пченица, од другата пченка, а тој ја јавно место да сади марихуана или трева- изјави Миле Стојанов, жител на Карбинци.

Од Јавното обвинителство преку соопштение информираа дека осомничените во текот на месец март и април, неовластено набавиле семенски материјал од растението „Cannabis sativa“ од непознати лица и ги засадиле на нива, а откако растенијата достигнало висина од 30 до 60 см ги искосил и ги оставил на парцелата да се исушат. За ова кривично дело, доколку се докаже дека се виновни им прети казна затвор од најмалку 5 години.