Македонија
4. March 2026 - 19:37

Започна судењето на 75 годишниот Денис Асанов, обвинет за свирепо убиство во Штип

Во Основниот суд во Штип денеска стартуваше судскиот процес против 75-годишниот штипјанец Денис Асанов, обвинет за убиството на 79-годишната Борјанка Николова од Штип. Обвинението го товари за убиство сторено при родово базирано насилство. Случајот ја вознемири јавноста и предизвика силни реакции поради тежината на делото.

- Токму такво групо прекршување на овие одредби и вршење на фемицид, односно убиство на жена, само затоа што е жена и вршење на родово базирано насилство, сторува обвинетиот Денис Асанов од Штип, изјави Тања Кацарова, основна јавна обвинителка, Основен суд – Штип.

Во судницата  Асанов негираше вина и изјави дека не се чувствува одговорен за делото што му се става на товар.

- Апсолутно не, милјарда посто, изјави Денис Асанов, обвинет.

На рочиштето сведочеше и 85-годишната сестра на починатата, која пријавила дека Борјанка исчезнала. Сведочењето беше проследено со видлива вознемиреност.

Според обвинението, настанот се случил во периодот од 6 октомври до 10 ноември минатата година, во домот на обвинетиот. Обвинителството наведува дека при извршување на родово базирано насилство, на жртвата ѝ биле нанесени повеќе удари со тврд предмет во пределот на градниот кош, по што настапила смрт. Телото потоа било закопано во дворот од куќата на обвинетиот, додека дел од посмртните останки сè уште не се пронајдени.