Започнува конзервацијата и реставрацијата на фрескоживописот на црквата во село Мокрино, општина Ново Село
Со средства од унгарскиот кредит ќе се реставрира и конзервира фрескоживописот во црквата во селото Мокрино, во Општина Ново Село. Проектот чини над 2 милиони денари, а во неговата реализација ќе бидат вклучени стручни лица од Заводот и музеј – Струмица, како и од Националниот конзерваторски центар од Скопје.
Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој ја посети црквата, станува збор за едно од најстарите и најзначајни духовни и културни обележја во струмичкиот регион, изградено во 1870 година.
Од општината велат дека објектот има посебно место во традицијата и историјата на регионот. Со овој проект конечно ќе бидат обновени фреските, кои биле оштетени за време на Првата светска војна. Воедно, посочуваат дека ова е само почеток на активностите за заштита и унапредување на духовното и културното наследство во општината.
Според најавите, реставрацијата и конзервацијата на целиот фрескоживопис треба да завршат во рок од шест месеци.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
