Заврши истрагата за 46 осомничени за пожарот во “Пулс”
По два ипол месеци работа, напнати сведочења и обемни анализи, истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ официјално е завршена. Она што почна како кобна ноќ, сега добива правна рамка- вкупно 46 лица се осомничени во истрагата на ОЈО Скопје, и 14 полициски службеници во постапката која ја води Обвинителството за гонење организиран криминал. Се товарат за тешки кривични дела против општата сигурност.
Истражниот тим од 13 обвинители од Кочани, Скопје, Штип и Куманово ја завршија истрагата пред законски предвидениот рок. Работеа и издаваа наредби за прибирање на докази, документација, вештачења од обдукциите за да се утврдат причините за смрт на починатите. Се вршеа и градежни вештачења, безбедносни стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот.
-Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција, соопштија од ОЈО Скопје.
Следниот период течат роковите каде одбраната може да предложи свои докази.
Доказите за полициските службеници пак, ќе бидат доставени до Обвинителството за гонење организиран криминал, каде истрагата се уште е во тек.
Осоминчени за пожарот во дискотеката на 16 март, кае загинаа 62 лица се тројцата поранешни градоначалници на Кочани, кои раководеле со општината од отворањето на дискотеката до денот кога изгоре. Ефективниот притвор им беше заменет со куќен притвор.
Осомничени се и поранешните министри за економија за издавање на лиценци на дискотеката иако не ги исполнувала условите, во куќен притвор се екс министрите Беким Незири и Ваљон Сарачини, како и Крешник Бектеши откако ефективниот притвор му беше заменет со куќен притвор.
Во куќен притвор е и поранешниот директор на пазарниот инспекторат Горан Трајковски, како и поранешниот и актуелен директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Осомничени и во притвор како и со мерки на претпазливост се и сопственикот на дискотеката, сопственикот на објектот, обезбедувањето таа вечер, полициски службеници.
Доколку од анализите или од други докази се утврди одгороност и кај други лица, обвинителството соопшти дека ќе постапува согласно своите надлежности.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар