Македонија
7. јуни 2025 - 17:08

Заврши изградбата на пречистелната станица во Дојран

Заврши изградбата на пречистителната станица во Дојран

Дојран добива нова и современа пречистителна станица која ќе обезбеди поголема и поефикасна заштита на езерото. Објектот, чија изградба е целосно завршена, се очекува да започне со работа  до крајот на месецов.

Станува збор за еден од најважните проекти за еколошка заштита на езерото, кој овозможува значително зголемување на капацитетот за прочистување на отпадните води што досега директно се влеваа во езерото.
Паралелно со изградбата на пречистителната станица, комплетно беше реконструиран и дотраениот колекторски систем, со што конечно се решава проблем стар речиси четири децении.

Реализацијата на проектот започна во 2021 година, а вкупната инвестиција изнесува околу 5 милиони евра. Поголемиот дел од средствата се обезбедени преку Владата на Република Македонија, додека дел од финансирањето е обезбедено со поддршка од Амбасадата на Република Словенија.

Како дел од овој голем еколошки зафат беше изградена и канализациона мрежа во селото Црничани. Во моментов, во тек е изградбата на уште две мини пречистителни станици , едната во Фурка, а другата во Црничани со цел целосно опфаќање на подрачјата што досега беа без соодветен систем за третман на отпадните води.