Земјава е со најнизок степен на децентрализација во Европа
Македонија има најнизок степен на децентрализација во Европа, односно, единиците на локалната самоуправа се финансиски најповеќе зависни од централната власт. Тоа директно влијае врз економскиот раст и развој на локално ниво, но и на самиот процес на евроинтеграција, смета штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
- Не само степенот на децентрализација, туку и начинот на децентрализација, зашто ние имаме децентрализација која што ни генерира проблеми. Триесет и повеќе години имаме зголемена недоверба на граѓаните кон институциите. Тоа е резултат на нефункционалноста која што се генерира од институциите на локално и централно ниво-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Општините не бараат енормно зголемување на финансиските средства од централно ниво, кое би било не реално, туку точно утврдени критериуми за фискалната децентрализација. Во моментот, средствата од данокот на додадена вредност во локалните буџети се слеваат линеарно, што значи дека отсуствува мотивирачката компонента.
- Фискалната децентрализација е дискриминирачка, затоа што процентот на наплата на данокот на имот во општина Штип е неколку кратно повисок од процентот на наплата во некоја друга општина, но ние добиваме исти средства од државата. Процентот на реализација на буџетот во општина Штип е неколку кратно повисок од процентот на реализација на капитални инвестиции, компаративно со некоја друга општина, а ние добиваме исто средства или повеќе средства од државата се дава на тие општини кои можеби не домаќински се однесуваат со народните пари- додаде Јорданов
Доколку општините се стимулираат да имаат повисока наплата на данок и реализација на капитални инвестиции, од што ќе зависи и висината на блок дотациите, ќе има и поголем раст и развој, а во крајна сметка бенефит ќе имаат лојалните граѓани.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар