Земјоделците се здружуваат за заштита на своите интереси
Оризари, лозари, овоштари, градинари, тутунари, фармери, се обединија во Националната земјоделска мрежа, чија цел е заштита на интересите на земјоделците од сите гранки. Велат дека со години наназад друг им ја крои судбината и креира политики кои во најголем дел се на нивна штета.
- Во Националната мрежа членови ќе бидат исклучиво индивидуални земјоделци, значи нема правни лица, здруженија, асоцијации и федерации. Ставени сме пред свршен чин, некои други ни ги креираат мерките што не се соодветни за реалната состојба на терен. Целта ни е да бидеме препознаени како социо-економски партнер на министерството за земјоделие, со што активно ќе се вклучиме во креирањето на политиките. Имаме капацитет да произведеме храна, меѓутоа мора да се креираат развојни економски стратегии, изјави Ѓорѓи Каракашев, претседател на национална земјоделска мрежа.
Најгорлив проблем со кој се соочуваат веќе подолг период е ненавремено утврдување на откупните цени на земјоделските производи, кои би биле економски исплатливи, а нема ниту загарантиран откуп.
- Дали со винарија, дали со откупен центар за ориз, за жито, треба да има обврзувачки договорени реални цени, така што и ние да бидеме обврзани да го носиме таму она што ќе произведеме, но и тие да бидат обврзани да ни го платат трудот по реални цени, изјави Тане Гошев, лозар од Кавадарци.
Нерентабилното производство, како последица има намалување на површините под земјоделски култури, а земјоделието како стопанска гранка полека да замира во сите сектори.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар