БЕГ нема пари за гас - ќе останат ли скопјани без парно греење?
Ќе останат ли скопјани без парно греење на минусни температури? Од БЕГ признаа дека имаат гас за само уште неколку дена. Побараа државата и општините финансиски да им помогнат за да ги обезбедат потребните количини во време кога пазарната цена е за 4 пати повисока од онаа која е предвидена во тарифата. Затоа БЕГ го оптимимизирале режимот, односно температурите ги држат само до законски пропишаните – 20 плус 1 степен целзиусов. Од 2,700 објекти кои се приклучени на нивниот систем, на слабиот квалитет се пожалиле 10 отсто. Од Регулаторната пак, велат дека граѓаните кои добиваат послабо греење треба да добијат и пониски сметки.
Фактурите кои ќе им ги испорачаат на граѓаните треба да бидат само за потрошената топлинска енергија, по пропишаниот квалитет, однoсно минималната температура да изнесува 20+1 степен од 6 до 22 часот.
Инаку за само еден ден до РКЕ стигнале над 50 приговори.
Од ВМРО ДПМНЕ ја повикаа Владата да најде механизам да помогне – за да не останаат скопјани сред зима со ладни радијатори.
- Почитувани, во 21 век под изговор на т.н. „оптимизиран“ режим, скопјани не ја добиваат потребната топлинска енергија. И покрај покачената цена од 14%, Скопје останува со ладни грејни тела. Зошто РКЕ молчи за овој проблем? Дали навистина компаниите испорачуваат топлинска енергија според Правилата за снабдување и Мрежните правила за дистрибуција на топлина? Зошто Владата одбира да помогне само на ЕСМ, а не на сите оние кои имаат проблеми со зголемување на цените на сите енергенси, вклучувајќи го и БЕГ и Топлификација Скопје-Север?, кажа Антовски.
И првиот човек на Регулатаорна, кога ја донесе одлуката за зголемување на цената на парното, ги повика Владата, градот Скопје и општините финансиски да помогнат и да обезбедат 9 милиони евра за набавка на гас. Резерви има само за првата половина од месецот.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
