Бил Гејтс: Поради отпорот кон вакцинацијата, искоренувањето на сипаниците повеќе не е остварлива цел

Поради отпорот кон вакцинацијата во богатите земји, целосното искоренување на сипаниците како глобална закана за јавното здравје денес веќе не е остварливо, изјави Бил Гејтс.
Коосновачот на „Мајкрософт“ и милијардер истакна дека искоренувањето на таа смртоносна детска болест претходно било една од можните цели на неговата фондација, што се занимава со глобалното здравје и со најсиромашните луѓе во светот. Сепак, тој план сега е целосно отфрлен поради сè поголемото колебање и одбивање на вакцинацијата во развиените земји. Станува збор за скептицизам што со децении го застапува Роберт Ф. Кенеди Џуниор, актуелен американски министер за здравство во администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
„Во еден момент фондацијата сакаше да ги искорени сипаниците, но поради отпорот кон вакцинацијата во богатите земји тоа повеќе не е меѓу нашите цели. Мислам дека тоа на некој начин е трагично“, изјави Гејтс.
Сипаниците се меѓу најзаразните болести во светот, а се манифестираат со висока температура, кашлица и карактеристичен осип по телото.
Пред воведувањето на вакцината во 1960-тите години, вирусот секоја година убивал околу два милиона деца. Денес од последиците на сипаниците годишно умираат околу сто илјади деца, главно во земји каде што воените конфликти или логистичките пречки го оневозможуваат вакцинирањето.
Според Светската здравствена организација, опфатот со вакцинација мора да биде над 95 проценти за да се спречат епидемии.
Сепак, во последните години се бележи нагло зголемување на бројот заболени и во земји во кои болеста речиси била заборавена, меѓу кои САД и европските земји, токму поради намалувањето на опфатот со вакцинација.
Гејтс додаде дека скептицизмот кон вакцинацијата барем не се проширил во посиромашните земји, каде што сипаниците можат да бидат значително посмртоносни отколку во богатиот дел од светот, поради неухранетоста и слабите здравствени системи.
„Секогаш постои страв дека сомнежите од Америка ќе се претворат во глобален тренд“. Сепак, во земјите во кои работи нашата фондација не забележавме зголемување на отпорот кон вакцинацијата“, рече Гејтс.
Милијардерот изјавата ја даде во пресрет на годишниот настан на неговата фондација „Голкиперс“ (Goalkeepers), на кој се презентира напредокот во остварувањето на целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година, вклучително и во областа на здравството.
Во минатогодишниот извештај Гејтс предупреди на последиците што ги има намалувањето на странската помош од страна на администрацијата на Трамп врз здравјето на најсиромашните луѓе во светот. Тој потег потоа беше следен и од други богати земји, меѓу кои Велика Британија и Германија.
Тој наведе дека оваа година намалувањето на средствата веројатно предизвикало голем број смртни случаи, но дека последователното враќање на дел од средствата спречило најцрно сценарио. За ублажување на последиците помогнале и напорите на самите погодени земји и на други здравствени организации.
„Најцрните прогнози кои говореа за повеќе од десет милиони починати, не се остварија“, изјави Гејтс, повикувајќи ги владите да ја вратат помошта или барем дополнително да не ја намалуваат.
„Ситуацијата и понатаму е многу трагична“, вели тој.
МИА
Ново на Сител
-

Владата подготвува можност за откуп на стаж
-

Сали: Се прават напори за усвојување на Изборниот законик
-

Купувајте домашно од мали земјоделски стопанства, не индустриски производи со сомнителен увозен квалитет
-

Околу 1300 интервенции на спасителите на вода ова лето
-

ИПР бара трајно решение за кучињата скитници
-

Преглед на вестите од светот
-

Панел дискусија „Повеќе учество - повеќе демократија“
-

Teма на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
