Бројот на заболени од грип расте, на геријатрија нема посети кај болните
За 15 проценти повеќе заболени од грип во споредба со минатата недела. Институтот за јавно здравје во изминатите 7 дена регистрирал 1128 заболени од кои околу 400 тини се деца до 14 годишна возраст.
Епидемиолошкиот коментар е дека во земјата има висок интензитет на вирусот а според бројките најзагрозен е Дебар. Поради полните ординации и болници и големиот број пациенти со респираторни инфекции, Комисијата за заразни болести даде препораки за заштита. Колку здравствените установи се ригорозни во делот да не пуштаат цивилни лица во болничките соби, денеска ја посетивме геријатриската болница 13 Ноември каде ги третираат најризичните групи..
Во геријатриската болница во моментот има околу 200 пациенти сместени во два оддели. Сите имаат по неколку хронични заболувања меѓу кои карциноми и деменција.
Дел се неподвижни поради болеста, други се движат со помагала, а вирусот на грип не ги одмина и геријатриските и палијативни пациенти. Засега сите болни со грип се во установата и според лекарите се во стабилна состојба. Доколку дојде до влошување ги носат или на Пулмологија или на Инфективна.
- Третманот кај овие пациенти е секако на највисоко можно ниво. Симптоматска терапија се спроведува кај сите, лабораториски анализи се прават за да се стави под контрола. Посетите се забранети а маските за персоналот се задолжителни, вели д-р Маја Спирова, психијатар во геријатриската болница 13 Ноември
Освен лежечките капацитети, во болницата има и отворен дел со специјалистички амбуланти и лабораторија за пациенти од надвор. Но сите мора да чекаат во ред и да носат маски.
- Во установа со долготраен престој која работи со најранливи пациенти, тоа се геријатриските и палијативните, секако дека ги почитуваме препораките на Комисијата за заразни болести. Но и нашата Комисија за интрахоспитални инфекции редовно заседава, особено во сезоната на грип и носи и предлага заштитни мерки секако за да може да биде што помал бројот на тие што би заболеле, вели д-р Салија Љатиф Петрушовска, директор на Геријатриска болница 13 Ноември
Досега во сезоната на грип има 3500 заразени од кои дури 63 проценти се во првите две недели од јануари. Епидемиолозите предвидуваат пикот да почне наредната недела кога и учениците се враќаат во училишните клупи. Колку ќе трае и дали ќе има и втор бран ќе зависи од ширењето на вирусите.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар