Бизнис
10. February 2022 - 16:39

Енергетската криза скапо ќе чини, Владата ќе дели ваучери од 1.000 денари за социјалните категории

Речиси 200 милиони евра ќе не чини енергетската криза. До сега државата на ЕСМ и има префрлено 170 милиони евра за да се справи со проблемите со струјата, иако првичните проценки беа дека сумата би била двојно помала.  

Министерот за економија Бектеши очекува дека откако ќе се стабилизира состојбата, дел од парите ЕСМ ќе ги врати во буџетот. 

Инаку ЕВН поради нарушена ликвидност побара сметките за набавка на струја кон државните електрани да ги плати по 6 месеци, односно во јуни. Аргументот им беше дека трошоците им се поголеми од приходите кои ги оставруваат. Проблем со плаќање на сметки имаат и граѓани, особено по зголемување на цената и укинувањето на евтината тарифа. За да им помогне на најранливите, Владата со ваучери ќе им покрива до 1.000 денари од сметките за струја

-Оваа мерка ја добиваат сите приматели на гарантирана државна помош и дополнително на 9.500 пензионери со ниски приходи и ако се додадат уште седум илјади домаќинства со ниски приходи, значи над 55 илјади домаќинства во нашата држава во текот на 2022 година ќе добијат директна помош за покривање на дел од фактурите за електрична енергија или за енергенси во нашата држава, рече Бектеши.

Покрај високите сметки за струја, растат и трошоците за живот. Цените на храната речиси секојдневно бележат пораст, освен на основните кои се владина одлука се замрзнати до крајот на овој месец. За да се спречи ценовен шок, од наредниот месец најверојатно ќе се ограничи маржата на трговците, како на домашните така и на увозните производи, која Бектеши очекува да не надмине 5%.