Бизнис
22. August 2023 - 16:34

ЕСМ ќе ги врати топловодните цевки штом ,,Беласица‘‘ се санира - увезувана струја по двојно повисока цена од берзанската

Речиси 9 милиони евра платила ЕСМ за да купува струја среде лето. Од јуни досега, направени се 7 набавки. Најмногу струја била увезена минатиот месец. Директорот Стефанов вели дека се прават поправки на производствените капацитети, а и повеќе се трошело оти било многу топло.

„Термоблоковите во Битола и дел во Осломеј се во ремонтни активности. Со оглед на фактот дека конзумот во месец август е зголемен, бидејќи температурите беа високи, согласно деловните политики на АД ЕСМ и планот за производство, дел од електричната енергија ја набавивме на слободниот пазар.“ – Васко Стефанов, директор на ЕСМ

Но, цената на берзата и таа по која ние купуваме струја не се ни приближно исти. Разликата понекогаш била речиси двојна. Така, на пример, на 6-ти овој месец, сме купиле струја по 100 евра за мегават час. Истиот ден, на Хупекс цената се движела од 50 до 60 евра. Стефанов, прво негираше.

„Верувајте дека толкава разлика нема.“

Потоа се премисли, па дообјасни.

„Согласно понудената цена, во тој момент, ние таа енергија сме ја набавиле.“

Во меѓувреме, се крои и новата цена на парното. Колкави сметки ќе добиваат 60 илјади домаќинства за греење - ќе се знае следниот месец.

ЕСМ допрва ќе ја обновува топловодната мрежа под мостот Беласица, но претходно Град Скопје треба да го поправи.

„По санацијата на мостот, ние ќе продолжиме со активностите на мостот, односно ќе го поставиме новиот топловод којшто ќе биде во функција до крајот на септември.“ - Васко Стефанов, директор на ЕСМ

Од Градот повторно не кажаа кога ќе започне санацијата на мостот. Иако и Арсовска и тимот кој ја правеше експертизата убедуваа дека оштетувањата се мали и ќе треба лесна поправка, мостот е затворен четврти месец и се уште нема најава кога ќе биде отворен.