Граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет ќе се отвори на 14 октомври, соопшти Италија

– Се очекува граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет да се отвори на 14 октомври, а по прекинот на огнот таму ќе бидат распоредени офицери од Мисијата на Европската унија за помош на границите (ЕУБАМ), соопштија денеска италијанските власти.
Мисијата на ЕУ вклучува италијански, шпански и француски полициски сили, со цел да се обезбеди неутрално присуство на трета страна на стратешкиот граничен премин. Нејзините офицери беа распоредени таму во јануари, а беа повлечени во март.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето денеска изјави дека одобрил продолжување на италијанските операции во рамките на ЕУБАМ за повторно отворање на граничниот премин на јужната палестинска територија под истите услови како и во јануари.
Одлуката следеше по прекинот на огнот што стапи на сила во 12 часот според договорот меѓу Израел и Хамас како дел од договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
„На 14 октомври 2025 година, во согласност со договорот со Трамп, во координација со Европската Унија и страните, граничниот премин Рафа ќе биде отворен последователно во двата правци – кон Египет и кон Газа“, рече италијанскиот министер за одбрана.
„Операциите за ослободување на израелските заложници и палестинските затвореници ќе започнат в недела, 12 октомври. Израелците работат на враќање на логистичката функционалност на инфраструктурата на граничниот премин што е можно побрзо“, додаде тој.
Кросето, исто така, рече дека „околу 600 камиони со хуманитарна помош ќе влегуваат во Газа секој ден преку премините“.
Во јануари, ЕУ соопшти дека главната цел на мисијата е да го координира и олесни дневниот транзит на до 300 ранети и болни лица.
ЕУ ја создаде Мисијата за гранична помош во 2005 година за да помогне во следењето на граничниот премин Рафа, но таа беше откажана две години подоцна, по преземањето на Газа од страна на палестинската група Хамас.
МИА
Ново на Сител
-

Втори во Европа по ниво на загаденост: Граѓаните „бегаат“ на Водно и бараат сонце
-

СДСМ бара вонредна седница и итни мерки
-

Откажани 20 летови на скопскиот аеродром поради густа магла, расчистување и снег од вторник
-

Дали новата варијанта на грип што се шири во Европа ќе ги загрози и граѓаните во Македонија?
-

Експерти: Барањата на Ахмети се надвор од Рамковниот договор, смените во опозицијата се козметички
-

Тивкиот повик за припадност: Како плакати и QR-кодови стануваат „јадица“ за радикализација
-

Патот до Галичица затворен
-

Крушево ја започна празничната бајка која што ќе трае од викендов па се до Бадник
