Грчките земјоделци до петок нема да ги блокираат граничните премини Евзони и Ники

Сообраќајот на граничните премини Евзони и Ники кон нашата земја за влез и излез од Грција, во следните денови, до петок ќе се одвива непречено, со оглед на тоа што грчките земјоделци одлучиле привремено, поради Божиќ, да ги стават во мирување блокадите, според грчката новинска агенција АНА-МПА, но тракторите ќе останат паркирани на границите, јави дописничката на МИА од Атина.
На граничниот премин Евзони (Богородица) земјоделскиот блок со над 300 трактори беше поставен на 1 декември, а сообраќајот секојдневно се блокираше на неколку часа, првично претпладне и попладне, а во изминатиот период само во попладневните часови.
Според АНА-МПА во текот на денот тракторите и земјоделските возила поставени на средината на коловозот ќе бидат тргнати и земјоделците ќе ги паркираат на левата и десната страна, со што целосно ќе се ослободат сообраќајните ленти и ќе се овозможи непречено минување на товарни возила, туристички автобуси и патнички автомобили.
Сепак земјоделците ќе останат и планираат таму да ги поминат празниците, но без да се попречува нормалното одвивање на сообраќајот.
Слична е ситуацијата и на Ники (Меџитлија) каде што земјоделците одлучиле до петок да не го блокираат сообраќајот.
Од друга страна, остануваат, барем во текот на денешниот ден, блокадите на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, но само за товарни возила.
Во однос на блокадите низ цела Грција, целта на земјоделците во пресрет на Божиќ е да ги отворат автопатите за граѓаните непречено да стигнат до нивните дестинации, но без при тоа да ги повлечат целосно тракторите.
Нивниот план е тракторите да останат паркирани на крајот на автопатите, за што полицијата смета дека не е безбедно на таков начин да се одвива сообраќајот.
МИА
Ново на Сител
-

Миса во Католичката црква во Скопје за Божиќ
-

Тема нa денот со Љупчо Николовски, пратеник од СДСМ
-

Уставен ќе ги испитува коефициентите за плати на судиите и обвинителите
-

Се одложува пресметката на просечна потрошувачка кошничка зашто синдикатите и работодавачите не дале мислење
-

Бугарија понуди помош за снабдување со мазут, Владата ја одби
-

Собранието ги избра новите министри - Сали за евроитеграции, Хоџа за животна средина
-

Вратени иселенеци на форум во Влада - И Македонија може да биде „ветената земја“
-

Паркингот на Клинички стана сопственост на државата, а ќе го управува „Градски паркинг“ - Ќе се реши ли хаосот?
