Бизнис
18. August 2021 - 21:16

Како приредувачите на игри на среќа ќе се прилагодуваат на новите мерки?

Значителен пад на прометот во казината и обложувалниците донесоа новите владини мерки, каде за влез се бара сертификат за вакцинација или потврда за прелажан Ковид во последните 45 дена. За само еден ден – посетеноста е намалена за 60 до 70%, што  неминовно ќе влијaе врз приходите, велат од овој бизнис каде годишно се вратат милионски суми. Пандемијата и до сега негативно се одраzила врз нивното работење, но успеале да го задржат истиот број на вработени. Како ќе биде во иднина, рано е да се прецизира.

- Сега за сега, во изминативе година и пол, успеавме да ги задржиме сите вработени, и покрај тоа што бевме затворени. Како ќе биде во иднина, не знаеме, бидејќи од ден на ден се носат нови мерки, се зголемува бројот на заразени, така што рано е да се каже што ќе биде, изјави Горан Стоименов, претставник на Асоцијација на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина.

И од Асоцијацијата на обложуваlници алармираат за големо намалување на приходите. Но, велат дека продолжуваат да ги следат владините мерки и протоколи, се во интерес на заштита на здравјето на граѓаните и превенција од понатамошно ширење на вирусот. И казината и обложувалниците велат освен доследно почитување на мерките, не гледаат друг начин за да си ги вратат играчите назад.

- Нема што да преземеме, ние се плашиме повторно да не не затворат. Сепак, горди сме што до сега не отпуштивме никој и не ги намаливме платите, додава Стоименов.

Инаку во секторот игри на среќа вработени се 10,000 лица. Преку даноците кои ги плаќаат, годишно во државниот буџет од нив се слеваат 280 милиони евра или учествуваат со 4% во бруто домашниот производ.