Бизнис
25. August 2023 - 10:10

Ќе има ли решение за функционерските плати?

Работната група за покачување на пензиите се уште не седнала да ги разгледа барањата на пензионерите. Додека тие секој ден протестираат низ градовите и најавуваат нов масовен собир во Скопје следниот месец, тимот кој беше најавен пред 10 дена не почнал да пресметува колкаво зголемување на пензиите нема да направи поголема дупка во пензискиот фонд.

За да го вклучат дигитронот, ќе чекаат Уставниот суд да каже дали линеарното зголемување е уставно, иако оттаму веќе рекоа дека не се „шалтер“ на кој се одговараат актуелни прашања. Освен таму, министерката за труд најави дека ќе прашува и правни експерти.

За линеарното покачување ќе биде доставено барање за стручно мислење и од Уставниот суд, доколку дадат стручно мислење, и до законодавно-правната комисијата, меѓутоа ќе побараме и од правната експертска јавност за да видиме дали линеарното покачување е согласно Устав и согласно законот за пензиско осигурување.“ – Јована Тренчевска, министерка за труд и социјала

Групата треба да дискутира и за закон за минимална пензија. Има рок до нова година. Дотогаш, треба да се скрои и законот за систем на плати. Него го работи друг тим, оти е под министерството за информатичко општество.

Ќе седне работната група. Ќе ја вгради методологијата и останатите одредби и ќе работи на законот за плати во јавниот сектор. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме предлог-решение.“ – Јована Тренчевска, министерка за труд и социјала

Овој закон беше најавен во јануари годинава, со цел да стави ред во платите во јавниот сектор. Со него, највисока плата ќе има шефот на државата, а сите останати ќе се подредуваат хиерархиски.

Законот е спорен за синдикатите бидејќи, според нив, ќе бидат поништени колективните договори и социјалниот дијалог, што може да доведе до кратење на платите.