Кочанскиот водовод работи со загуба од 2,5 милиони денари годишно
Геотермалните и термоминералните води на истокот се недоволно искористени и не носат економски бенефит за општините. „Водовод“ од Кочани не успеа да ја покачи цената за помалку од 5 денари за метар кубен геотермална вода, односно, од 62 на 66,83 денари, зашто не доби согласност од кочанските советници. Усогласувањето се прави еднаш годишно согласно концесискиот надомест, а методолгијата ја калкулира со цената на мазутот како енергенс кој е еквивалент во пресметката.
- Ако ја земеме количината на вода која се испорачува на годишно ниво кон крајните корисници, околу 500 000 метри кубни, може да се добие износот кој комуналното јавно претпријатие мора да го плати кон Министерството за економија, по основ на добиена концесија за стопанисување со геотермалните ресурси во општина Кочани- изјави ЉУПЧО ПАПАЗОВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА КОЧАНИ
Конкретно, „Водовод“ наместо профит, остварува претходно калкулирана загуба од 2,5 милиони денари годишно, само по овој основ. Слична е состојбата со бања Кежовица кај Штип. Температурата на термоминералната вода на главниот извор, со излезност од 7 литри во секунда, се движи од 50 до 62 степени, а според радиоактивноста е втора во Европа, веднаш по Карлови вари во Чешка.
- Лечи повеќе болести, ревматизам, нервен систем, дијабет, артериосклероза, висок крвен притисок И заболување на коските-изјави АЛЕКСАНДАР СУЛЕВ, РАКОВОДИТЕЛ НА РЕ „КЕЖОВИЦА“- ШТИП
Бањата располага и со 32 легла, кои по пандемијата се половично пополнети, во главно од повозрасни граѓани. Со години наназад се најавува изградба на современ спа комлекс, за развој на бањскиот туризам, но се уште се чека на реализација.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар